Авионот на компанијата „Блу Панорама” што сообраќал на релација Тирана-Анкона бил принуден да слета неколку минути по полетувањето од меѓународниот аеродром во главниот град на Албанија.

Авионот во кој имало повеќе од 50 патници, меѓу нив и деца, полетал нормално во седум часот и при прелет над Драч почнал да испушта црн чад што се појавил и во пилотската кабина и почнал да се шири во внатрешноста.

Според патниците, настанала паника по што им било најавено дека се враќаат назад пришто авионот направил неколку опасни маневри пред успешно да слета.

„Им благодариме на пилотите. Само нивната присебност и искуство нè спасија од ужас. Беше страшно, настана паника, децата почнаа да плачат, но ете сè се заврши добро“, вели еден од патниците.

Стручни лица вршат контрола на авионот за утврдување на причината на дефектот.