Времепловот на Скопје и на македонската држава од денеска ќе биде побогат за уште еден настан што досега важеше за табу. Низ улиците на главниот град ќе се одржи првата Парада на гордоста, марш што во светски рамки е замислен како мирен протест за правата на припадниците на ЛГБТ заедницата.

Збирното место за настанот беше паркот „Жена Борец“ во 11 часот, групата моментно се движи кон Градски парк како крајна дестинација. Домаќините посочуваат дека од 13 часот до 13.30 часот се планирани обраќања на активисти и на претставници на невладини организации и институции, а од 14 часот до 16.30 часот и богата музичка програма.

„Скопје Прајд е протестен марш со цел да сврти внимание на јавноста за нееднаквоста со која живеат припадниците на ЛГБТ заедницата во нашата земја. Поради стигмата и неприфаќањето и насилството со кои нејзините членови секојдневно се соочуваат, присуството ќе значи најсилна и највидлива поддршка што може да се даде“, истакнуваат организаторите на првата Парада на гордоста во С. Македонија.

https://www.youtube.com/watch?v=q7zSUHbMcMg

Популарниот Прајд е манифестација на ЛГБТ заедницата по повод Меѓународниот ден на гордоста што се одбележува во светот од 1969 година. Освен карневалски забави, Парадите на гордоста, исто така, имаат политичка важност за насочување на вниманието на јавноста против дискриминација на на човековите права на нејзините членови. Најголем дел на настаните од ваков тип се организираат во средина на годината, но гледано на светско ниво ги има во текот на цела година.

За време на Парадата на гордоста, учесниците и учесничките носат транспаренти со интересни пораки со политичка, најчесто иронична содржина, извикуваат познати слогани на движењето ЛГБТ и свират со свирчиња во ритам на тапаните од парадното возило.

Покрај задолжителните свирчиња и транспаренти, незаменливи се знамиња во боите на виножитото – симбол на Заедницата како и останати знамиња и симболи како грчката буква ламбда (ослободување), лабриса (лезбијска сила и лезбијска егзистенција), буквата Q (queer), знамиња и симболи на бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, како и останатите движења што ја поддржуваат парадата – најчесто екозелени, феминистички, анархо-синдикални, мировни и антивоени и повеќето левичарски и либарални.

Најголем европски прајд е „ЦСД Келн” на кој секоја година учествуваат над еден милион лица. Кон средината на деведесеттите, Паради на гордоста почнаа да се одржуваат и во земјите од Централна и Источна Европа, како и во Италија („Рома прајд“, „Милано прајд“, „Торино прајд“, „Тоскана прајд“, на Малта („Прајд марш Валета“) и во Турција (Истанбул од 2003 и Бурса од 2006 година). Во дел од нивните премиерни изданија беа забележани насилства, па затоа и најавено зголемено присуство на припадници на македонската полиција во насока историскиот Прајд во Скопје да мине во најдобар ред и без инциденти.

На премиерното издание на Скопскиот прајд се појави и министерката на одбрана Радмила Шекеринска и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Поддршка изрази и интерпарламентарна група на политички партии.