Пратениците преку закон бараат гаранции за можност на вработување во државни институции по истекувањето на нивниот мандат.

Постоењето на ваква иницијатива за пратенички бенефиции и по истеккот на мандатот го потврди вчера претседавачот на собраниската група за реформи, Реџаил Исмаили.

-Има предлог од пратеници, има предлог, додека не се хармонизира со Владата, не можам ништо да ви кажам. Знаете дека сме за тоа повеќе да не се даваат пари на тие што седат дома и знаете дека таков закон во минатото не помина, рече тој.

Наводно зад предлогот стојат пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан е од СДСМ и ДУИ.

Овој закон за пратениците би требало да помине заедно со 20-тина реформски закони, меѓу кои законот за СЈО со кој треба да се дефинира понатамошната работа на оваа институција, потоа дел од судските закони, законот за судски совет, законот за кривична постапка, законот за спречување на корупција и судир на интереси, законот за медиуми, кои треба да бидат донесени до крајот на јануари следната година.

Обидите за бенефиции не се ништо ново

Во 2005, беше изгласан Закон кој овозможуваше пратениците да се пензионираат со 25 години стаж и 55 години возраст, а пратеничките, со 25 години стаж и 53 годишна возраст. Законот требаше да важи за сите поранешни народни избраници почнувајќи од првиот парламентарен состав. Но, поради елементите нееднаквост и ретроактивност, шест месеци подоцна, Уставниот суд ги укина спорните членови.

Сегашната иницијатива за Закон за пратеници кој ќе вклучува и пратенички привилегии е слична со содржината на работната верзија на Законот за Собрание од 2009 година.

Тогашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на координативен состанок со тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски ја прифатија работната верзија на овој закон во кој било предвидено пратениците по завршувањето на пратеничкиот мандат автоматски да можат да се вработат во државната администрација.

По реакциите на јавноста, пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се повлекоа од предлогот за зголемување на привилегиите.