Европската Унија предупреди дека ќе преземе брзи и одлучни мерки доколку САД реализираат закани за воведување високи царини поради европските даноци за дигитални услуги.
Од Европската комисија порачаа дека даноците за дигиталните компании се применуваат еднакво за сите големи компании, без разлика од која земја потекнуваат, и дека не се насочени против американските фирми.
Реакцијата следува по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави можност за воведување царини од 100 проценти за стоките од земји што ќе воведат данок на дигитални услуги за американски компании.
Трамп оцени дека повеќе европски држави разгледуваат вакви мерки и предупреди дека тие би имале директни последици врз трговијата со САД.
Од Брисел нагласуваат дека Унијата има право самостојно да ја уредува економската политика на својата територија, во согласност со меѓународните правила.
Европската комисија истовремено посочи дека продолжува да поддржува глобално решение за праведно оданочување на дигиталната економија и дека е подготвена да работи на договор со меѓународните партнери.




