Кога новинарите во текот на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ прашуваа колку пари чинат услугите од надворешните експерти кои го советуваат Груевски, одговорот беше дека дел од нив му помагаат без надомест, а за другите цената за ангажман е на ниво на просечна цена за советување која постои на пазарот на услуги. НОВА ТВ открива колку пари од државната каса им биле исплаќани на дел од армијата од 86 советници кои биле ангажирани од поранешната Влада.

Од 2.500 до 7.000 евра месечен хонорар се движеле сумите кои им се исплаќале на надворешните советници на поранешниот премиер Никола Груевски. Тој ангажирал армија на експерти од Македонија и странство кои биле плаќани илјадници евра од државниот буџет. Груевски го советувале експерти за странски инвестиции, иновации и претприемништво, автомобилска индустрија, енергетика, туризам.

НОВА ТВ, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од Владата ги побара договорите склучени со лицата кои во изминатите години му давале совети на Груевски, а целта била поголем економски развој на Македонија.

Па така, според документите кои ни ги доставија од Владата, како надворешен соработник за привлекување на странски инвестиции од ноември 2012 до ноември 2013 година во Владата бил ангажиран Колин Џефри. За неговите услуги од државната каса месечно му биле исплаќани 4000 долари.

Советникот Колин Џефри и Премиерот Никола Груевски

Џефри во Македонија стана многу повеќе познат откако почина во скопскиот хотел Супер 8, отколку како човек кој донел инвестиции во земјава. Тоа е човекот чија смрт направи паника во Скопје дека починал од ебола, а потоа се испостави дека всушност имал проблеми со желудникот.

Негова задача, според договорот, била остварување контакти со странски компании заинтересирани да инвестираат во Македонија, комуникации со економски тела, стопански комори и бизнис асоцијации, организирање настани за промоција на Македонија и соработка со министрите во македонската Влада.

Џефри во Македонија пристигна поодамна, во 2007 година кога како директор за стратешко планирање на „Џонсон Мети“ пред изборите во 2008 година изјави дека компанијата не е политичка партија, но за секој случај дава донации на сите политички партии. Подоцна се правдаше дека изјавата му била извадена од контекст.

Соработник од областа на иновациите и претприемништвото бил Израелецот Џошуа Глајтман. Бил ангажиран во период од две години, од ноември 2012 до ноември 2014 година.

Џошуа Глајтман

Совети на Никола Груевски му давал и Џорџ Пери од Мичиген кого Владата го плаќала како експерт во автомобилската индустрија, а негова задача била да соработува со врвни компании за промоција на предностите и можностите кои ги нуди Македонија на потенцијалните странски инвеститори. Целта била да привлече странски инвеститори од автомобилската и другите индустрии ориентирани кон европскиот пазар.

Џорџ Пери

За неговиот ангажман од март 2013 до февруари следната година му биле исплатени 60.000 долари, односно месечно добивал по 5000 долари. Освен хонорарот, Пери бил подмирен и со патни и трошоци за храна и хотелско сместување додека престојувал во Македонија, како и за хотелско сместување во Америка, храна и патни трошоци за време на неговите службени патувања во САД.

Од другите странски советници, во ова друштво влегува и Марјан Хрибар – надворешен соработник од областа на туризмот и туристичкиот потенцијал на Македонија. Хрибар го советувал Груевски три години, од кои една година тоа го правел без паричен надомест. Првиот договор со Хрибар бил склучен од февруари 2012 до февруари 2013 година. За ангажманот му биле исплаќани по 2500 евра месечно, плус режиски трошоци.

Следната година, според документите кои ги доби НОВА ТВ од Владата, Хрибар останал советник без пари, но му биле обезбедени патни и трошоци за храна и хотелско сместување за две лица за време на неговиот престој во Македонија. А, потоа во јуни 2015 година до мај 2016 година повторно склучил договор на месечна сума од 2500 евра месечно. Хрибар своевремено изјави дека Македонија ја посетува еднаш на два месеци кога Владата расправала за туризам.

 

Еден од советниците бил и поранешниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицковски. Неговиот ангажман како советник од областа на енергетиката почнал веднаш по стапувањето на директорската функција во октомври минатата година, но овој ангажман според договорот со Владата, го вршел бесплатно.

Христијан Мицковски

Како што неодамна објави НОВА ТВ советник на Груевски, а потоа и на екс премиерот Емил Димитриев, им бил и синот на поранешниот диплoмат Ристо Никовски, Александар Никовски. Тој бил ангажиран да ги советува премиерите по прашања поврзани со странските инвестиции за месечен хонорар од 3.000 евра.

Александар Никовски

Како што пред неколку месеци беше обелоденето, советник бил и поранешниот британски пратеник од редовите на конзервативците и член на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Роберт Валтер. Тој за неговиот ангажман како советник за надворешна политика месечно добивал по 7000 евра плус за патни и хотелски трошоци.

Роберт Валтер

НОВА ТВ веќе објави дека поранешниот премиер, Никола Груевски, во одредени периоди имал 86 советници. Сите активни договори по стапувањето на новата Влада се раскинати и тие повеќе не се на платен список на државниот буџет.

Кога новинарите во текот на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ прашуваа колку пари чинат советите од надворешните експерти кои го советуваат Груевски, одговорот беше дека дел од нив даваат услуги без надомест, а за другите цената за ангажман е на ниво на просечна цена за советување која постои на пазарот на услуги.