Денеска во Министерството за правда ќе продолжат консултациите за превземање на сите судски предмети, истраги и обвиненија од СЈО кај јавниот обвинител Јовески, откако Јанева даде полномошно за трансфер на предметите, дознава НОВА.
На вчерашните први консултации, преовладувал ставот дека предметите треба да бидат преземени, но конечна одлука не е донесена.
Доколку Јовески ги прифати предметите од СЈО по писмото на Јанева, тој ќе треба да ги распореди на други обвинители кои ќе одлучат дали ќе ги продолжат истрагите. Во ваков случај Јовески ќе одлучува и за судските предмети кои досега ги застапуваа обвинители од СЈО, велат за НОВА доброупатени извори.
Во однос на мандатите на обвинителите од СЈО, една од варијантите која била разгледувана е дека со завршувањето на мандатот на Јанева завршува мандатот и на другите обвинители. Ваквата опција доколку биде прифатена ќе значи дека секој обвинител кој досега работеше во СЈО ќе треба да се врати на старото работно место, односно во Обвинителствата од кои дошле.
Денеска се очекува да се одржи и средба на работните групи меѓу власта и опозицијата во Собранието. ВМРО ДПМНЕ бараше тие да го предложат новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал кој би требало да се бара и од редот на професорите, а не само од обвинителите.
Мандатот на Јанева истекува на 15 септември, а во Собранието веќе почна постапката за нејзино разрешување.
Договорот треба да добие двотретинска поддршка пред истекот на овој рок, оносно во наредните 10 дена.