Светскиот тенис доби, слободно може да се каже, хероина на годината без оглед што ќе следува до завршниот Мастерс во ноември. Американката Слоун Стивенс (24) е нова шампионка на Ју-Ес опен по триумфот во финалето против сонародничката Медисон Киз со 6:3, 6:0 за прв гренслем трофеј во нејзината кариера. Девојката од Флорида, чиј најголем успех досега во Њујорк беше четврто коло во 2013 година, а од сега тронот, е само петта нерангирана тенисерка во Опен ерата со победа на еден од четирите најпрестижни турнири во сезоната. Со Киз беа дел и од првиот сеамерикански меч за титула на Флешинг Медоу по 2002 година (Венус против Серена Вилијамс) и десетти воопшто на гренслемот во „Големото јаболко“.

Фото: twitter.com/usopen

Женското финале не донесе возбудувања какви се очекуваа, но затоа ја донесе една од најубавите спортски приказни во 2017 година. Патот што Стивенс го измина до најголемиот успех со рекетот во рака беше трнлив, а начинот на совладување на сите пречки е импресивен. Изминатите 12 месеца беа ѓаволски тешки за неа. Од 25 на ВТА листата во јули во 2016 година падна до 957 место во јули во 2017 година за да пристигне како 83 светска тенисерка на Ју-Ес опен. Причина беше повредата на левото стопало што мораше да го подложи на хируршки зафат во јануари. Почна да оди пред четири месеци, а во само петтиот турнирски настап во сезоната го архивира и најзначајниот пехар како професионалка што ќе ја смести во топ 20 на најновата ранг листа во понеделник (скок за преку 900 места за пет недели).

Фото: usopen.org

Стивенс е само 14 тенисерка што заигра во финале на Ју-Ес опен, а не била носителка и само четврта како таква што успеала да го понесе трофејот по Венус Вилијамс во 1997 година, Ким Клајстерс во 2009 година и Роберта Винчи во 2015 година. Таа, воедно, е седма тенисерка што стигнала до полуфинале и притоа не била во топ 50. Со таков статус само Клајстерс досега замина со титула од Њујорк, откако реши да се пензионира по породувањето.

Ју-Ес опен – финале, жени

Стивенс (САД) – Киз (15., САД) 6:3, 6:0

Хронологија на рејтингот на Слоун Стивенс на ВТА листата во изминатите 14 месеци

6 август 2016 година – позиција 28

Стивенс беше елиминирана во првото коло на Игрите во Рио де Жанеиро од Канаѓанката Јуџин Бушар. Како причина ја наведе стресни реакции во нејзиното стопало при секое движење што упатуваа на фрактура.

26 август 2016 година – позиција 25

Стивенс го откажа учеството на Ју-Ес опен поради повреда. Дотогаш настапи на секој гренслем турнир од 2011 година и лани во Њујорк требаше да биде меѓу носителките.

8 јануари 2017 година – позиција 35

Стивенс отпатува во Сиднеј на подготовки за Австралија опен, но се повлече непосредно пред почетокот на гренслемот во Мелбурн поради некомотно чувство во пределот на глуждот.

23 јануари 2017 година – позиција 49

Стивенс се враќа во САД на специјалистички прегледи. Резултатите налагаа неопходност од операција на скршеница на коска во близина на глуждот што и ја прифати.

10 февруари 2017 година – позиција 52

Стивенс сподели фотографии на Инстаграм со левата нога во гипс. Притоа најави неколкумесечно отсуство од ВТА турот и изрази надеж за враќање на тениските терени во летниот период.

18 април 2017 година – позиција 158

Стивенс почнува со лесни чекори за првпат по операцијата. Не можејќи да брани поени што ги освојуваше во 2016 година, таа излезе од топ 100 на ВТА листата.

26 април 2017 година – позиција 158

Стивенс се враќа на тениските терени во невообичаено издание. Седната во количка крај линијата за сервис, таа почна да враќа топчиња што и ги фрлаше нејзиниот тренер со лесни форхенд удари.

5 мај 2017 година – позиција 158

Стивенс сподели видео на Твитер од вежби во рамки на процесот на рехабилитација.

4 јули 2017 година – позиција 336

Го одигра првиот меч по операцијата во кој загуби од Алисон Риск во првото коло на Вимбдлон. Но, и покрај поразот се потврдија прогнозите на нејзиниот доктор дека опоравувањето оди во најдобар ред и по шест недели од првиот тренинг по операцијата ќе може да заигра на турнир.

16 јули 2017 – позиција 901

На теренот број 17 во националниот тениски центар „Били Џин Кинг“ одигра меч во двојки заедно со сонародничката Тејлор Таунсенд.

1 август 2017 година – позиција 957

Стивенс падна на најниското 957 место во нејзината кариера. Доби вајлд карта за настап на „Сити Опен“ во Вашингтон што ја прифати. Во првото коло загуби од Симона Халеп со 7:6, 6:0 што, сепак, освои еден поен што ја искачи за 23 позиции на ВТА листата.

7 август 2017 година – позиција 934

Стивенс ја забележа првата победа по јули во 2016 година. Во првото коло на „Роџерс Куп“ ја совлада Јулија Путинцева со 6:7, 6:0, 6:4. Потоа го елиминира и Петра Квитова, Анџелик Кербер и Луси Сафарова пред поразот од Каролина Возњацки во полуфиналето. Освои 350 бода и напредуваше за 800 места до 151.

19 август 2017 година – позиција 151

На втор турнир во низа стигна до полуфинале. Сопственичката на вајлд карта притоа совлада четири носителки пред да го заврши настапот со пораз од Симона Халеп. Новите 350 бода ја вратија во топ 100 на ВТА листата.

28 август 2017 година – позиција 83

Стивенс ја совлада Роберта Винчи во првото коло на Ју-Ес опен што беше нејзина прва победа во Њујорк по онаа против Аника Бек, исто така во првото коло, во 2014 година. Потоа следува триумфи над Доминика Цибулкова, Ешли Барти, Јулија Гергес, Анастасија Севастова и Венус Вилијамс за прво гренслем финале во кариерата.

7 септември 2017 година – позиција 83

Со победата над Венус Вилијамс, Стивенс провизорно напредуваше до 22 место на ВТА листата. Сега по победата и на Киз во големото финале се очекува Стивенс да биде 15 рекет кај дамите од понеделник.