Од петок ќе почне вакцинација со „Фајзер“ на деца над 12 години, чии родители/старатели од денеска до четврток ќе се пријават на веб-страницата vakcinacija.mk. Министерот за здравство, Венко Филипче денеска изјави дека откако ќе се види заинтересираноста со регистрирањето на сајтот, ќе се закажуваат термини за вакцина по распоред, бидејќи една вијала содржи шест дози.
– Затоа што вакцината на „Фајзер“ кога еднаш ќе се отвори, мора да се вакцинираат шест лица бидејќи во вијалата има шест дози и ако се јави едно или две деца, голем е ризикот одреден број вијали да се фрлат, а тоа не сакаме да се случи. Родителите ќе може до четврток да ги регистрираат децата и од петок ќе почне апликацијата на вакцините, рече Филипче по посетата на Поликлиниката во Шуто Оризари каде што е отворен нов пункт за вакцинација.