Фестивалот „Охридско лето“ своите родендени на 4 август по традиција ги одбележува со несекојдневни доживувања, нудејќи поинакви содржини од вообичаениот концепт. Нашата најреномирана и најголема музичко-сценска манифестација вечерва ќе прослави 59-та годишнина од основањето со концерт на познатите виртуози на гитара Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ на сцената на Античкиот театар.

„Секоја година, во традиционалниот период, од 12 јули до 20 август се случува магијата наречена „Охридско лето“. Повеќе од половина век оваа манифестација испишува богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации. Секоја година, 40-те фестивалски денови се празник на уметноста, рече Наташа Поповиќ, директорка на фестивалот.

Таа истакна дека е огромна чест да се биде дел од тимот што го подготвува и реализира годинашното фестивалско издание, потсетувајќи на многумина кои оставиле белег на сцената и се заслужни за успесите на „Охридско лето“ низ годините назазад.

„„Охридско лето“ носи околу илјада уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од сите земји во светот. Над 20.000 посетители, љубители на уметноста, од целиот свет доаѓаат да уживаат во врвните музички и театарски перформанси. Тоа е доволен доказ дека нудиме квалитет во градењето на успешни фестивалски изданија“, додаде Поповиќ.

Селекторот на музичката програма на фестивалот, Васо Ристов, нагласи дека настанот претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и за државата, а преку долгата традиција остварува универзална и благородна мисија на рамноправен натпревар на сите врвни уметнички вредности.

„До крајот на ова, 59-то, фестивалско издание остануваат уште 14 вечери во музичкиот дел. Како и лани, така и оваа година, музичкиот дел на 19 август го затвораме со македонски автор, професорот Томислав Зографски, одбележувајќи 85 години од неговото раѓање на кој ќе настапат докажани македонски солисти“, рече Ристов.

На текот на годинашното фестивалско издание се осврна и селекторот на драмската програма, Александар Поповски кој нагласи дека „Охриско лето“ е од непроценливо богатство и заслужува да се грижиме за него и повеќе и на посебен начин.

„Годинава донесовме специфични и посебни претстави со кои на некој начин сакавме да покажеме што е она што оваа година го карактеризира овој фестивал. Со голема радост го чекам затворањето и „Одисеј“ на Горан Стефановски оти беше речиси невозможно на почетокот, таа посебна негова претстава да ја донесеме од причина што сите нејзини чинители заминале на некои други острови, отпатувале на некои други мориња и ова беше како да собираш камчиња по брегот на еден цел океан. Задачата ни успеа и ќе ги собереме сите тие луѓе. Го прославуваме 59-от роденден и веднаш започнуваме со подготовки на 60-то издание на фестивалот“, порача Поповски.

Влатко Стефановски, виртуоз на гитара кој за многумина е наш најпознат музички амбасадор во светски рамки, рече дека „Охридско лето“ со своите 59 изданија може да биде ментор и учител, пример за многу фестивали во регионот и светот. За Стефановски секој негов настап во Охрид бил предизвик, привилегија и задоволство.

„Сум растел заедно со овој фестивал, честопати сум бил во Охрид токму кога се случувало „Охридско лето“. Пред 30 години сум доаѓал од Скопје да го гледам Рави Шанкар во „Света Софија“. Знам колку е тешко да се организира ваква манифестација, со многу учесници, гости, сместувања, тонски проби, озвучување, простори, столчиња, по ветер, по дожд, пп сонце, итн. Оттаму и мојата поддршка на сите тие напори, со искрени честитки за толку голем јубилеј“, рече Стефановски.

Мирослав Тадиќ не криеше задоволство од можноста да настапува во земјата за која рече дека е извориште на музиката што особено ја сака. Рече дека додека бил мал и гледал преноси од концерти на „Охридско лето“, воопшто не верувал дека ќе има чест да настапи на фестивалот, а уште помалку на роденденски концерт.

„Македонија е моја уметничка татковина бидејќи веќе 40 години по заминувањето во САД на свој начин најмногу се занимавам токму со македонската музика. Таа за мене е извор на инспирација, на мошне интересен музички материјал, така што би се пофалил дека генерации студенти од целиот свет преку мене ја откриваат и обожуваат таа музика, со нејзината прекрасна мелодичност, хармонија и ритмика“, истакна Мирослав Тадиќ.

Дуото Стефановски–Тадиќ активно функционира повеќе од две децении. Зад себе има над стотина концерти и настапи во најреномирани светски уметнички сцени, со најпознати симфониски оркестри, како во концертната сала „Musikverein“ во Виена, потоа со Лондонскиот симфониски оркестар во Лондон, во Монте Карло, во Лајпциг, во Магдебург, во Вајмар, во Лос Анџелес, итн. Нивниот албум „Крушево“ важи за култен албум меѓу дискофилите и култна плоча кај аудиофилите кои го препознаваат добриот звук.

„Охридско лето“ својот официјален почеток го бележи со концертот на оперската певица Ана Липша Тофовиќ на 4 август во далечната 1961 година. Манифестацијата од година во година се развива по нагорна линија, прераснувајќи во пример како треба да се организира, одржува и негува еден фестивал.

Од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивали, асоцијација која на последниот состанок во Лисабон го смести „Охридско лето“ меѓу трите најреномирани манифестации од таков вид на стариот континент.