Берлинскиот процес – иницијатива која треба(ше) да го врати Западен Балкан во фокус на ЕУ по периодот на замреност, утре стартува со нова агенда во која покрај врските меѓу Брисел и регионов, се додава и војната во Украина која послужи како своевиден геополитички и безбедносен катализатор Унијата да го забрза вклучувањето на неколкуте балкански држави во своето семејство.

Во Берлин, веќе отпатуваа премиерот Димитар Ковачевски и двата клучни министри во чие портфолио се врските со ЕУ- шефот на дипломатијата Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Што може да очекува Македонија од овој состанок на кој покрај домаќинот Олаф Шолц и политичките лидери на Западен Балкан, на масата ќе седнат и претставници на врвот на ЕУ? И дали Шолц ќе го продоложи тоа што го почна Ангела Меркел на мускули туркајќи го Западен Балкан кон ЕУ?

„На самитот ќе се одржат неколку сесии на кои е предвидено Ковачевски, заедно со лидерите од Албанија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора, да дискутираат за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, за енергетска стабилност и трансформација, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања“, соопштија од Владата. За време на Самитот, како што се дополнува, ќе бидат потпишани и три регионални договори за мобилност, кои се однесуваат на признавање на факултетски дипломи во Западен Балкан, и тоа на докторите на медицина, забна медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан.

Сосема доволно за почеток во време кога Македонија стравува од прекин на преговорите за членство доколку не успее гласањето за уставните измени, регионот (не)успешно се брани од руската пропаганда, а Брисел се обидува да го одржи проширувањето високо на својата агенда но и да не поттикнува нереални очекувања дека во услови на нарушена безбедносна слика во Европа ќе се откаже од строгите критериуми за влез во Унијата.

Берлинскиот процес е познат како една од најважните надворешно политички иницијативи на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Кога за првпат во 2014 година ги покани лидерите на Западен Балкан во Берлин, во Брисел имаше голем отпор кон проширувањето на ЕУ. Албанија тукушто го имаше добиено кандидатскиот статус, додека Србија, Северна Македонија и Црна Гора го имаа веќе подолго време. Косово и БиХ преговараа за договори за асоцијација, кои беа потпишани една година подоцна. Така се роди Берлинскиот процес, кој првично требаше да трае четири години.

По тој самит во Берлин, домаќини беа Виена во 2015 година, Париз во 2016 година, Трст во 2017 година, Лондон во 2018 година, Познан во 2019 година и Софија во 2020 година, а во 2021 година имаше онлајн симулација на самит.

Учесниците на Берлински процес 2019

Преголемите очекувања, веројатно затоа што зад него стои Германија, доведоа до влошување на репутацијата на Берлинскиот процес, затоа што во меѓувреме односите меѓу државите членки и кандидати ескалираа како на пример меѓу Бугарија и Македонија, со што се наруши една од неговите основни функции да помага за влез на Западен Балкан во ЕУ.

„Во очите на јавноста Берлинскиот процес не е ништо друго освен уште една можност за лидерите од регионот за средби со европските лидери од кои ќе произлезат насмеани фотографии и ќе се генерираат ‘лесно сварливи’ пораки за членство во ЕУ и подобра иднина,“ коментираше Ади Ќеримагиќ од Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ), тинк-тенк за Југоисточна Европа со седиште во Берлин. „Луѓето во регионот се уморни од фотографии, здравици и шанси за членство кои ги слушаат веќе 10 или 15 години“, рече тој.

Меѓутоа сепак, Берлинскиот процес донесе одреден напредок во секојдневието и од 1 јули 2021 се укина роамингот меѓу овие балкански држави. Имаше и други продобивки од процесот. Патната и енергетската инфраструктура е значително подобрена и е поврзана со ЕУ-коридорите, при што иако Македонија во тој дел не се покажа многу, регионот во целина забележа напредок во патната комуникација.

Берлинскиот процес притоа не се судри со иницијативата „Отворен Балкан“ како што многумина стравуваа бидејќи ниту си штетеа ниту си конкурираа. Напротив „Акцискиот план“ за воспоставување заеднички пазар, договорен во 2020 во Софија, сега се имплементира делумно во „Отворен Балкан“ а исто така и целта на Берлинскиот процес за четирите основни слободи – слобода на движење на лица, стока, услуги и капитал меѓу државите од регионот. Да потсетиме, иницијативата за регионална соработка „Отворен Балкан“, која ги опфаќа Србија, Северна Македонија и Албанија, во 2019 година ја покренаа претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Македонија Зоран Заев и премиерот на Албанија Еди Рама давајќи и звучно име „Мини Шенген“. Финалето треба да се случи на почетокот на 2023 година.

Ако треба да се направи некаква хронологија, самитот во Лондон 2018 беше последната станица од половина година патување на моторот на ЕУ со цел да се промени застојаната клима на Западот кон Балканот и да им даде нов поттик на нивните владејачки структури.

Овој самит ќе остане запаметен и по еден куриозитет. „Сè уште го чекаме нашиот домаќин“, твитна тогаш германецот Михаел Рот, државен министер на Германија за Европа. Учесниците на самитот, министрите за надворешни работи на земјите членки на Берлински процес и посредниците во иницијативата, немаа задоволство да се сретнат со нивниот домаќин министерот за надворешни работи Борис Џонсон кој поднесе оставка на функцијата само неколку минути пред да застане на говорницата за да им се обрати. Веста за оставката доминираше во сите медиуми и целосно го поклопи Берлинскиот процес кој се одвиваше во Лондон.

Иако во Македонија некои нема да се согласат, иницијаторите на Берлинскиот процес како свој најголем успех го сметаат потпишувањето на Преспанскиот договор со кој беше завршен речиси тридеценискиот спор со Грција. Овој билатерален спор и нормализација на односите меѓу Косово и Србија беа експлицитно споменати во Берлин 2014 година во Завршната декларација на самитот, кога практично беше лансирана оваа иницијатива.

Дали Берлинскиот процес ќе се врати на голема врата, ќе видиме утре, но едно е сигурно, на балканските земји кои се уште патуваат до Брисел, секој импулс на тој пат е добредојден.

Соња Крамарска