Париз и Лос Анџелес ќе бидат домаќини на наредните две Олимпијади по Токио во 2020 година. Кандидатурите од Франција и од САД беа единствени за Игрите во 2024 година, односно, 2028 година, а редоследот за организација стана извесен по информацијата за постигнат договор меѓу градските власти на Л.А. и Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за настанот по 11 години од денеска. Веста ја објави „Лос Анџелес Тајмс“ со што Градот на светлината останува осамен во трката за домаќин на најголемот светски спортски самит по Јапонија.

Потврдата на Париз и Лос Анџелес за домаќини во 2024 година и во 2028., што се чини како формална, се очекува на Собранието на ИОК во Лима, Перу, на 13 септември.

Двата града беа противкандидати за Игрите во 2024 година. Но, двата града организираа и по две Олимпијади во минатото. Париз беше домаќин во 1900 година и во 1924 година, а Лос Анџелес ја доби довербата во 1932 година и во 1984 година.