Општина Гевгелија го доби решението на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување на Референдум од страна на Советот против отворање рудници на планината Кожуф во март и април 2017 година по поднесената иницијатива од канадската компанија  „Резервоар минералс“. Локалната самоуправа најавува дека ќе поднесе приговор.

Во својата официјална реакција, градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков денеска рече дека без да прејудицира, според елаборацијата на решението, јасно е дека судот и овој Референдум ќе го прогласи за неуставен и незаконски и ќе ја поништи одлуката на граѓаните и дека локалната самоуправа ќе поднесе приговор во кој ќе бидат наведени сите аргументи.

На 23 април 2017 година граѓаните во голем број излегоа на гласање, нагласи Поцков и речиси едногласно гласаа против отворање рудници за металично-минерални суровини во општина Гевгелија и ние сме должни таа јасно и слободно изразена волја на граѓаните да ја почитуваме.

–Она што е важно за граѓаните на општина Гевгелија е дека Владата на РМ веќе го одби барањето на компанијата „Резервоар минералс“ за продолжување на концесијата за детални геолошки истражувања и со тоа покажа дека ја почитува и следи волјата на граѓаните и дека нема да дозволи отворање рудници на планината Кожуф. Без разлика на исходот од тековната постапка јас како градоначалник, Советот на општината и сите идни градоначалници и советници имаме морална и политичка одговорност да ја зачуваме Гевгелија зелена и чиста и да го чуваме здравјето и животот на граѓаните, рече Поцков.