Откако минатата недела Европската Комисија објави правна  постапка против официјална Будимпешта поврзана со амандманите со кои се забранува училиштата да користат материјали кои промовираат хомосексуалност, унгарскиот премиер Орбан со пост на својот фејсбук профил, ја обвини ЕК за злоупотреба на надлежностите поради оспорувањето на усвоениот унгарски закон  со кој се забранува промоцијата  на хомосексуалноста.

,,Иднината на нашите деца е во прашање,затоа не можеме да попуштиме на ова прашање “ , напиша Орбан на ФБ .

Во меѓувреме во Унгарија стапи на сила Законот кој напредниот свет го оцени за контроверзен и анти-ЛГБТИ, и паралелно со ова е евидентирана најавата за организирање на референдум за ова прашање.

Орбан не прецизира кога ќе се одржи планираниот референдум, но рече дека ќе опфати пет прашања, вклучително и прашањата  „Дали го поддржувате одржувањето на часови за сексуална ориентација за малолетници во јавно образование без согласност на родителите?“ и „Дали ја поддржувате промоцијата на третман за промена на полот кај малолетници? “.

Правната постапка за законот кој претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен го нарече „срамота“ ЕУ ја почна на 15 јули, и во зависност од исходот може сериозно да и ги секне европските пари на Унгарија.