Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска порача дека дебатата за решавање на спорот со името треба да се води во рамките на преговарачките тимови, а не преку медиумите.

Според него, доколку во јавноста се лицитира со имиња и предлози тоа гарантира неуспех.

„Тоа што во моментот е клуч за успехот на овој процес е преговорите да не се одвиваат во јавност, дебатата да не се одвива преку медиумите. Ако сега почнеме да лицитираме тоа ќе биде модел за неуспех на прашањето. Знам дека граѓаните очекуваат, но верувајте, дека модел за неуспех е јавно преговарање. И грчката страна не треба да лицитира јавно со ставови. Во моментот кога ќе имаме начелно некоја согласност тогаш може да излеземе во јавност и да бараме мислење од граѓанитe“, изјави Османи.