Темата вчера била за Самоил, колку што знам, чиј текст е веќе договорен пред една година, но прашањето било кој текст и дали тој текст да се препорача како насока за учебниците, појаснува Османи.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, негира дека некој од МНР вршел притисок врз членовите на Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија, за што денеска обвини членот на Комисијата Ванчо Ѓорѓиев, образложувајќи ја оставката.

– Министерството за надворешни работи е координатор и го води процесот на разговори со Република Бугарија и го води разговорот со соодветните институции за имплементирање на Договорот за добрососедство од 2017 година. Во однос на работата на експертите на Комисијата за историски  и образовни прашања, МНР, конкретно, логистички ја поддржува Комисијата и затоа состанокот се одржува овде во МНР, за што Комисијата има потпишано и договор, и, оттука, тоа е односот на МНР кон Комисијата. Но никогаш по однос на содржината на делокругот на работата, во однос на динамиката и во однос на формата – одговори денеска министерот Османи на новинарско прашање по оставката на членот на Комисијата Ванчо Ѓорѓиев, кој денеска, меѓу другото,  соопшти дека „Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата што кулминираше во текот на првиот работен ден  (21.10.2021 година) на  XV редовна средба преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР“.

Министерот Османи додава:

– Да,  МНР го организира тој процес, но МНР никогаш не правело притисок во однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историски прашања со Бугарија. Првиот ден вчера поминал, според информациите што ги добивам, а има секретар и записници од МНР, секогаш било така. МНР ќе учествува во давање логистичка поддршка и да,  учествува во формата. Се надевам дека денеска ќе има прогрес, а членовите на Комисијата, се разбира, имаат право и да се повлечат и да останат. Овој процес  продолжува. Ги охрабрувам членовите на Комисијата да се оди напред  во договарањето и на заедничките текстови и за препораките за учебниците. Темата вчера била за Самоил, колку што знам, чиј текст е веќе договорен пред една година, но прашањето било кој текст и дали тој текст да се препорача како насока за учебниците, појаснува Османи.

Министерот нагласува:

– Тоа е за прашање кое е апсолвирано уште минатата година, со заеднички  наратив и немаше ништо ново околу ова за да се појави политички притисок, или пак да има причини за политизирање на Комисијата, во овој сегашен предизборен контекст. За жал,  нема ништо договорено вчера и тоа е она што повеќе ме вознемирува отколку тоа дали еден член дал оставка, бидејќи  немало проблем, а имало договор за ова прашање – додаде Османи.

Тој рече дека на неколку состаноци изразил вознемиреност за текот на рабоатата на Комисијата, но дека „ние немаме друг инструмент за имплементација на договорот“.

– Битно е Комисијата да продолжи со работа.  Никој од МНР не се меша во содржината и во насоките, но секогаш ќе се меша дека нема доволно ентузијазам. Разочаран сум и од двете страни зошто решиле да ја одржат средбата  „онлајн“,  а не со физичко присуство и планирам да преземем мерки во овој дел – истакна Османи.