Мислам дека разликите меѓу политичките партии, вклучувајќи ги и најекстремните позиции по однос на датумот за избори, не се разликуваат повеќе од десет – петнаесет дена. Така што сметам дека тоа не се ненадминливи разлики и ако деновиве продолжи интензивната комуникација меѓу партиите, како што и се случува, мислам дека може да се сретнеме некаде околу 5 јули, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
Ставот на ДУИ, како што посочи, е дека ниту еден општествен процес не смее да ја влоши здравствената состојба, нешто со што, како што рече, се согласуваат сите политички партии и оти треба да има консензус по однос на датумот за избори, бидејќи инклузивноста во процесот е многу важна за изборите.
„Ќе продолжиме деновиве да се обидеме, не вреди за 10 – 15 дена да ја внесеме државата во политичка криза и најмалку што очекуваат граѓаните во услови на пандемија е дополнително да ја внесеме државата во криза. Очекувам сите да бидеме на ниво на одговорноста што ја имаме и оти ќе се сретнеме во смисла на потврдување на датум“, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање по примопредавањето на донацијата што Полска ја обезбеди за нашата земја како поддршка во борбата против ковид-19.
Најмалку што и треба на државата во услови на пандемија, на здравствена и економска криза, потенцира вицепремиерот, е политичките партии да се поларизираат до екстрем кој ќе ја доведе државата до политичка криза. Тоа, вели, не го посакуваат граѓаните и не и треба на државата.
Во врска со вонредната состојба, Османи рече дека утре ќе се направи оценка по што ќе се изгради став што ќе му биде предложен на претседателот Стево Пендаровски.
„В петок имаме седница на кризниот штаб, ќе се направи анализа на трендот на бројките и заедно со Комисијата за заразни болести до претседателот ќе го предложиме нашиот став“, најави вицепремиерот Османи.
Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири изјави дека СДСМ нема отсапено од своите позиции и посакува избори на кои ќе учествува опозицијата.
“СДСМ нема отстапено од своите позиции но ние сакаме да постигнеме договор, за тоа има време до сабота. Ако се укине вонредната состојба ние треба да го почитуваме Уставот и Законот односно Уредбата која што кажува дека ќе се одмрзнат роковите и ќе треба да почнат да течат 22 дена кои што се останате. Секако отворени сме за дијалог, има канал на комуникација меѓу двете партии и ние се надеваме и посакуваме да постигнеме заеднички датум и да настапиме на избори. Повторно ќе кажам СДСМ сака избори брзи со учество на опозиција односно на сите политички чинители кои што се дел од изборниот процес со веќе утврдени листи и да ги поразиме на тие избори.“ изјави Зекири.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вечерва во Телевизија 24 објасни дека од СДСМ велат дека се замрзнати роковите, но тие не се замрзнати во Член 3 од Уредбата е наведено дека со денот на стапување во сила на оваа уредба се прекинуваат изборните дејствија, значи дејствија и рок се различни работи, и меѓу другото во истата е наведено дека ДИК е задолжена во рок од еден ден по престанокот на вонредната состојба да објави на нејзината страница Роковник за продолжување на изборните дејствија, ниту се спомнуваат рокови.
Јанушев вели дека СДСМ роковите ги вади од ракав, не може Државната изборна комисија да прави Роковник кога нема определен датум за избори, единствен кој има право да определи датум за избори е претседателот на собранието, затоа што во Изборниот законик истото е дефинирано.
Во врска со 5 јули како можен датум за организирање на изборите позитивно се произнесоа и од партиите на етнички албанската опозиција.
Нашиот став е изборите да се одржат на 26 јули, заради причините кои сме ги образложиле досега, меѓу кои една е и да се стабилизира ситуацијата со Ковид-19, да бидат присутни ОБСЕ ОДИХР, да се отварат границите за да им се овозможи на дијаспората да бидат дел од изборите. Меѓутоа, спремни сме да прифатиме секој датум кој ќе се донесе со целосен концензус на главните партии во земјава”, изјави за Цивил Медиа, Флакрон Беџети од Алијанса.
Иста подготвеност изразила и партијата Алтернатива, другиот партнер на коалицијата со Алијансата за Албанците. За оваа партија е прифатлив датумот 5 јули ако се елиминира стравот од пандемијата.
„Одлуката за новиот датум за избори може да се одреди со општ концензус на политичките партии, како што сме разговарале на последната лидерска средба кај претседателот. Нашиот став, засега, останува дека изборите треба да се одржат во услови на целосно елиминирање на стравот од вирусот и ова според предвидувањата, е крајот на јули или почеток на август”, изјави Фатон Фазлиу, портпарол на Алтернатива.