После 12 Јуни почнува финалната битка за признавање од Вселенската Патријаршија на целосната автокефалија на Охридската Архиепископија, за што е потребна посебна стратегија на црковната дипломатија, но секако со уште поголема поддршка од државата.

Дали на Балканот ќе почнат да дуваат нови ветрови кои ќе донесат затворање на отворените билатерални прашања меѓу државите и народите во овој регион по одлуката на Црковен Белград да и погледне на реалноста во очи и на тој начин го затвори последното отворено прашање меѓу двата народа и двете држави, набргу самите ќе бидеме сведоци.

За поздравување е што српскиот претседател Александар Вучиќ оствари неформално директно и непосредно влијание врз Синодот на СПЦ помагајќи му на Патријархот Порфириј да ја донесе одлуката за прифаќање на МПЦ – Охридска Архиепископија во канонско и литургиско единство. На тој начин Вучиќ си купи време и доби кредит кај американскиот фактор за мало одложување на конечно затворање на прашањето со Косово до негово целосно признавање.

Дека Путин ќе започне војна во Украина многумина не веруваа. Сега се случи второто чудо на геополитичката и црковна сцена. СПЦ прифати дека имаме жива Црква поставена согласно каноните и црковното право.

По одлуката на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј за прифаќање во канонско единство на Охридската Архиепископија се случи третото чудо.

Македонските црковни достоинственици преку црковниот преговарачки процес со СПЦ, писмата и другите чекори кои се влечат го прифати и призна за реалност Преспанскиот договор колку за него да има различни коментари во тие кругови. За некои ќе побуди негации и бунт, но сакале или не тоа е видлив факт.

 СПЦ врти грб на РПЦ и Патријархот Кирил

 Сега да се вратиме на црковното прашање кое на еден или друг начин го обременуваше досега Балканот. Преку затворањето на едно од најважните прашања  се промовираше проектот Отворен Црковен Балкан кој може во блиска иднина да ги помести односите меѓу СПЦ и РПЦ бидејќи е очигледно доближувањето на Српскиот патријарх до Вселенската патријаршија и очигледно е дека преку начинот на решавање на македонското црковно прашање му врти грб на Патријархот Кирил.

Дали отворениот Црковен Балкан го расчистува патот за Александар Вучиќ и изборот меѓу Истокот и Западот, ако сеуште постои таква дилема, наскоро ќе го дознаеме одговорот.

Волци во овчи кожи околу МПЦ-ОА

Првиот поглавар на МПЦ Архиепископот Доситеј своевремено мошне храбро им се спротивстави на непријателите на нашата црковна независност и ја востанови автокефалноста, знаејќи дека само на тој начин ќе може да ја сочува својата паства од волците во овчи кожи.

Благодарение на Одлуката на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј и нејзино прифаќање од СПЦ,се прекина повеќедецениската сестрана изолација и етаблирање на нашата возобновена Охридска Архиепископија како рамноправен меѓународен ентитет во православната екумена. Покрај утрешниот настан, особено е важно заедничкото богослужење на 12 Јуни на црковните достоинственици г.г. Вартоломеј и г.г. Стефан во Вселенската патријаршија. Практично, со одлуката на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј и на Мајката Црква на сите православни – Вселенската Патријаршија, нашата Црква конечно доби сопствен ипостас, меѓународно признато постоење.

По завршување на Саборот на СПЦ во исчекување сме во Скопје на повикот на српскиот Патријарх Порфириј до Вселенската патријаршија за отпус и признавање на црковната автокефалност на Охридската Архиепископија. Потребна е претпазливост од големите замки поставени за нашата Црква од оние кои посакуваат нејзино затворање во еден мрачен круг на деструктивно и агресивно влијание кое сите посакуваме да биде зад нас.

Неговото Блаженство г.г. Стефан ќе биде првиот признат Архиепископ на Охридската Архиепископија по нејзиното укинување во 1767 година. Поколенија и поколенија претходници и наши најистакнати дејци цели два и половина века сонуваа за она што ние го доживеавме денес. И навистина, ние со сето срце извикуваме за Архиепископот Стефан гласно ДОСТОЕН, бидејќи се покажа како наш духовен водач и добар пастир, кој „си ја полага својата душа за овците“ (Јн. 10,11). Со успехот во црковната дипломатија, кој резултираше со многу значајната одлука на Вселенската Патријаршија, ја заштитивте нашата татковина, Македонија од продорот на туѓите, агресивни духовни влијанија на Балканот, кои не ѝ мислат добро на нашата држава.

Практично, со одлуката на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј нашата Црква конечно е со меѓународно признато постоење за што денес благодарност упати претседателот Стево Пендаровски и Архиепископот г.г. Стефан кој заеднички ќе богослужи со Вселенскиот патријарх за Духовден во седиштето во Цариград.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со ист став за признавањето на Охридската Архиепископија

Црквата е примена во канонско и литургиско единство со целиот православен свет и токму таа одлука ги отвори вратите за конечно решавање на конечниот статус со полна автокефалија на Охридската Архиепископија и претходно заеднички богослужења.

Во блиска иднина може да очекуваме потпишување на Томос за автокефалност на Охридската Архиепископија од страна на Вселенскиот Патријарх кој е единствениот кој има историско и канонско право да доделува валидна автокефалија, со што ќе се оконча две и пол вековната борба за обнова на нашата света и славна Архиепископија

Црквата се верниците! Црквата е државата во делот на националните интереси и црвени линии! МПЦ – ОА сме сите ние со достоинство, чест и гордост како народ, држава и Црква!

Државата и во времето на ВМРО ДПМНЕ и за време на СДСМ, посебно претседателот Пендаровски и Владата стоеше и стои зад Црквата и се залагаат за признавање на автокефалијата пред Вселенскиот патријарх. Не е во прашање изборот меѓу Истокот и Западот туку нашата Света и Апостолска. Останува уверувањето дека по писмото на Архиепископот г.г. Стефан до Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј и присуството на српскиот Патријарх Порфириј денес во Скопје, многу нешта ќе бидат појасни и ќе има достоинствено решение за статусот на нашата Црква кое ќе води кон целосна независност и автокефален статус доделен преку Томос од Вселенската патријаршија. Позитивно изненадува однесувањето на Српскиот патријарх кој преку македонското прашање дава гол со пета на Московскиот патријарх Кирил што претставува своевиден пораз на црковна Москва и политиката на Владимир Путин на геополитичката сцена.

ПОА жежок костен за МПЦ-ОА

После 12 Јуни почнува финалната битка за признавање од Вселенската Патријаршија на  целосно автокефалија на Охридската Архиепископија за што е потребна посебна стратегија на црковната дипломатија, но секако со поддршка од државата. Не верувам дека инаетот и пркосот кој досега го манифестираше шефот на црковната делегација Митрополитот г.г.Тимотеј ќе не донесе до најдоброто решение за наше целосно признавање.

Останува жежок костен да биде идниот статус на Епископите од поранешната Православна Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски кој заминува во пензија, кои искажуваат амбиции да добијат на управување митрополии во државата или бидат назначени за Викарни Епископи. Воедно за да не западне во просторот на шпекулации прашањето за епархиите на МПЦ – Охридска Архиепископија кои се во дијаспората, ќе мора уште сега да се направи длабока анализа и да се објасни дека Вселенската патријаршија нема да ги открадне нашите епархии во дијаспората, бидејќи надлежност ќе има нашата Охридска Архиепископија, но ќе треба барем еднаш годишно митрополитите во САД, Европа, Австралија и Нов Зеланд да одговорат на повиците и присуствуваат на собирите на надлежниот Архиереј од Вселенската патријаршија за дадената област надвор од границите на нашата држава.

Тоа не значи губење на епархиите, црквите, верниците и финансиските средства туку само симболично претставување на црковните епархии од дијаспората и пред Вселенската Патријаршија со што нема да се прекине папочната врска со Архиепископот г.г. Стефан и МПЦ тогаш преку Томосот за признавање на автокефалноста и дефакто во лицето на Охридската Архиепископија.

Проф. Д-р Марјан Ѓуровски, универзитетски професор