Европските лидери утре попладне ќе одржат консултации за претстојната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон и за резултатите од Самитот на американскиот и рускиот претседател во Алјаска во петокот.
Во 15 часот таканаречената „Коалиција на подготвените“, алијанса од околу 30 земји што ја поддржуваат Украина, предводена од Велика Британија и Франција, ќе одржи видеоконференција, соопшти Елисејската палата во Париз.
Средбата ќе ја предводат францускиот претседател Емануел Макрон, заедно со британскиот премиер Кир Стармер и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Засега не е објавено кои други лидери ќе учествуваат на разговорите.
Американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Кремљ, Владимир Путин, вчера се сретнаа во Анкориџ за да разговараат за ставање крај на војната во Украина, но не беа објавени конкретни резултати. Зеленски треба да се сретне со Трамп во Вашингтон во понеделник.