Климатските промени треба да се ублажат во земјава. За тоа зошто земјава генерира толку отпад, за стратегијата како да се намали отпадот, што значи глобалната транзиција кон циркуларната економија разговаравме со Давор Пехчевски, проектен координатор во Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“

Токму тие во партнерство со организации од Црна Гора, Босна, Албанија, Србија и со поддршка на Хрватските организации проектот „GEAR – Зелена економија за развој на регионот“ финансиран од Европската Унија, во последните три години активно работеа на овие теми со институции и граѓански организации.

Нова ТВ: Има ли точни податоци за количината на отпад кој се регенира во Северна Македонија? 

– Огромни количини на отпад секоја година се собираат во Северна Македонија. Според податоците на македонската Асоцијација за управување со цврст отпад таа бројка достигнува до 700.000 тони годишно. Сепак, и оваа бројка е под знак прашалник поради големиот број на нелегални сметишта на кои никој не знае колку отпад се одлага. Но и понатаму проблем претставува начинот на кој истиот се депонира и селектира. Во државата засега постои само една легална депонија, а тоа е Дрисла кај Скопје. Во останатите места ѓубрето се носи во диви депонии кои воопшто не одговараат на меѓународните пракси и стандарди. Но, имаме и отпад кој е од специфичните видови како што е електронска и електрична опрема, батерии, пластика за кои има колективни оператори. Некаде околу 200 тони имаме електронски и електричен отпад.

Нова ТВ: Постои ли стратегија како да се намали количината на отпад? 

– Последната национална Стратегија за управување со отпад беше за периодот 2008-2020 година. Во моментов се очекува усвојување на новата Стратегија, но и на Национален план за спречување на создавањето на отпад кој што би требало да влијае на количината на отпадот. Во Европската унија минатата година се усвои Акционен план за циркуларна економија кој што дава одлични насоки за подобрување на управувањето со отпадот. Акциониот план особено дава насоки за отпадот чија што количина и покрај сите напори на ниво на ЕУ, како и на национален план, не се намалува. Годишното создавање на отпад од севкупните активности на ЕУ е во висина од 2,5 милијарди тони, поточно 5 тони по глава на жител, додека секој граѓанин во просек произведува речиси пола тон комунален отпад. Законите на ЕУ од 1970-тите години поврзани со отпадот доведоа до значајни подобрувања во управување со отпадот. Затоа, потребно е постојано да се модернизираат со цел да се вклопат во циркуларната економија и новото дигитално време. Акциониот план предлага ревизија на ЕУ законодавството во врска со батериите, амбалажата, отпадните возила, како и опасните супстанци во електронската опрема, со цел да се спречи создавањето на отпад, да се зголеми количината на рециклиран материјал, да се промовира сигурен и чист проток на отпадот, обезбедувајќи висококвалитетно рециклирање. Сето ова од наведеното е со цел до 2030-тата година да се намали вкупното создавање на отпад и да се преполови количината на преостанатиот (не-рециклиран) комунален отпад.

Нова ТВ: Што значи глобална транзиција кон циркуларна економија? 

– Европската комисија минатата година во март донесе нов Акционен план има за цел европската економија да ја прилагоди кон зелената иднина, притоа унапредувајќи ја нејзината конкурентност, а истовремено и да ја зачува животната средина и да обезбеди нови права на потрошувачите. Комисијата ќе предложи ревизија на законот за потрошувачи на ЕУ со што би се обезбедило тие да добијат веродостојни и релевантни информации за производите на продажните места, вклучувајќи го и нивниот животен век, како и достапност на услугите за поправка, резервни делови и прирачници за поправка. Според нив главната цел е овој Акционен да ја поддржи глобалната транзиција кон циркуларна економија и пред се на меѓународно ниво да се постигне глобален договор за пластика но и да се дефинира „сигурен оперативен простор“ за употребата на природни ресурси.

Нова ТВ: Во што е најголемиот проблем што Македонија генерира толку многу отпад?

– Имаме добра легислатива, имаме добри законски одредби, но имплементацијата на терен сè уште е на многу ниско ниво. Штом е стандардот на едно општество таков, таков ни е и отпадот. Како што наведува Акциониот план ќе биде потребно усогласување и соработка на сите засегнати страни на сите нивоа – ЕУ, национално, регионално, локално и меѓународно. Со тоа Комисијата ги повикува институциите и телата на ЕУ да го прифатат овој Акционен план и активно да допринесат за неговата примена, и ги охрабрува државите членки да ги усвојат или ажурираат своите национални стратегии, планови и мерки за циркуларна економија. Недозволиво е, велат познавачите на приликите, да има толку многу диви депонии на толку мал простор, што е дополнителен проблем за земја како што е Северна Македонија.