Здружената коалиција предводена од СДСМ по победата на 11 декември ќе направи, ќе иницира и ќе спроведе комплетен реизбор на сите судии во Република Македонија затоа што со состојбата каква што е сега, која сите ја знаеме не смее да продолжи, најави носителот кандидатската листа на СДСМ и опозицијата во првата изборна единица, Стево Пендаровски.

– Не смеат партиските штабови да диктираат судски одлуки, туку судиите мора да судат по устав и закон и таму мораат да бидат луѓе со интегритет, со образ, луѓе кои нема да потклекнат под политички притисок независно од која страна доаѓа.

Една од работите во овој контекст која ќе биде исклучително значајна е тоа што имаме намера по 11 декември веднаш да го продолжиме мандатот на СЈО, да воспоставиме специјални судски одделенија во сите три инстанци почнувајќи од основниот, па се до врховниот суд кои ќе ги прифаќаат предметите кои СЈО ќе ги процесуира, рече Пендаровски, говорејќи на првиот ден од изборната кампања, за реформите што новата влада ќе ги направи по изборите од 11 декември.