Претставници на четирите политички партии – потписници на Договорот од Пржино во моментов се на средба во Пржино. На работната група присуствуваат заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска, министерот Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Артан Груби како претставник на ДУИ и Имер Алиу од редовите на ДПА. На средбата се и амбасадорите на ЕУ и на САД, Аиво Орав и Џес Бејли.
Ова е втора средба на партиските претставници по вчерашната посетата на Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд.
Партиите се во обид да ги надминат несогласувањата што го попречуваат решавањето на политичката криза поврзани со Избирачкиот список и со реформите во медиумите.
Според договореното вчера избори ќе има во ноември но претходно треба да се провери дали се исполнети сите услови а таа проверка ќе се врши во август. Досега има напредок за медиумите и списокот но станува збор за мал пробив.
Во Пржино вчера се разговарало и за специјално судско одделение и специјален оддел во Министерството за внатрешни работи за случаите Специјалното јавно обвинителство. Но договор по ова прашање се уште нема.