Повеќе од пет часа, полицијата го држи професорот на Економскиот факултет во Скопје, Бобек Шуклев, и не му дава да си замине од кампусот на Универзитетот.

Неколку пати тој беше изнесуван на паркингот, па повторно враќан назад на факултетот. Полициските инспектори вршеле претрес во кабинетот на Шуклев, во потрага по докази за сомневањата дека примал мито и ја злоупотребувал неговата службена положба. Беше извршен претрес и во неговото возило, по што полицијата заедно со Шуклев кој го управуваше возилото се префрлија позади Економскиот факултет.

Во моментов, полицијата е во кабинетите на Факултетот, каде претресот продолжува. Акцијата на Економскиот факултет МВР ја спроведува под кодно име „Еразмус“.

Десетима специјалци се распоредени уште од попладнево, а освен Шуклев осомничени се и други вработени на факултетот. Сите се товарат за злоупотреба на службената положба и примање поткуп.