Италијанската полиција уапси 28 лица кои се осомничени дека се членови на кланот Сенесе, кој дејствува во Рим, во рамки на мафијашката група „Камора“. Рациите, во кои учествувале над 200 полициски и финансиски службеници, почнале рано изутрина и биле спроведени во Рим, во Неапол, во Верона, во Фрозиноне и во Аквила, јави агенцијата АНСА.

Приведените се товарат за изнуда, за измама, за криминален трансфер на добра и имот, за перење пари и за повторна употреба на криминално стекнати профити. Во операцијата е запленет имот во вредност од 15 милиони евра при што од полицијата соопштија дека раководството на кланот на Сените е обезглавено.

Во налозите за апсење беа шефот на кланот, Микеле Сенесе, кој во моментот е во затвор за убиство од 2001 година, неговиот брат Анџело Сенесе, неговиот син Винченцо и неговата сопруга Рафаела Гаглионе. Сите тие се обвинети за употреба на мафијашки методи за мафијата да навлезе во економијата на Рим.