Агнешка Радванска реши да стави крај на тениската кариера. Полјачката го образложи таквиот потег со неможноста да задржи посакувано ниво во играта и резултатите. Од ВТА турот се повлекува со 20 турнирски победи и како 75 рекет на светската ранг листа.

„За жал не сум во можност да тренирам и да играм на начин на кој се навикнав. Моето тело во последно време не може да ги следи желбите и очекувањата“, наведе 29 годишната Радванска.

Кариерата ја започна во 2005 година, а во 2012 година го забележа најголемиот успех со пласманот во финалето на Вимблдон. Но, гренслем титула не успеа да додаде во нејзиното тениско досие од причина што на спротивната страна на мрежата во All England Club беше Американката Серена Вилијамс.

Покрај тоа, Агнешка Радванска има и два настапа во полуфинале на Австралија опен во 2014 година и во 2016 година и еден во четврт-финале на Ролан Гарос во 2013 година.