Казахстанската полиција приведе стотици демонстранти во Нур-султан и во Алмати, кои излегоа на улиците на барање на забранетата политичка партија „Демократски избор на Казахстан“, соопшти заменикот министер за внатрешни работи, Марат Кожаев.
Гласачите во Казахстан денеска го бираат наследникот на Нурсултан Назарбаев кој ја водеше државата од независноста во 1991 година. Предвремените претседателски избори беа закажани по неочекуваната оставка на Назарбаев во март.
Се очекува в.д. претседателот Касим-Жомарт Токаев да победи на изборите, на кои учествуваат уште шест кандидати. Опозицијата и демонстрантите тврдат дека изборите се нечесни и минуваат во атмосфера која не е слободна.
Приведени се стотици мирни демонстранти, кои повикуваа на бојкот на изборите, како и неколкумина новинари и набљудувачи. Мукхтар Аблиазов, претседател на забранетата партија „Демократски избор на Казахстан“ повика на бојкот и протести со образложение дека изборите се срамни, затоа што резултатот е однапред познат.