Агенцијата за обезбедување Секјурити груп сервисис доби уште еден државен тендер. Во период од една година ќе ја обезбедува Општата болница во Велес. Договорот е склучен на 14 март, а денеска е објавен на интернет страната на Бирото за јавни набавки. За услугата, физичко обезбедување на болницата, СГС за една година ќе искешира 34,000 евра. На тендерот имало две понуди, а била прифатена на СГС како понуда со најниска цена. Фамозната агенција за обезбедување, и минатата година ја обезбедувала болницата во Велес, а на тој тендер била единствен понудувач.
Од почетокот на 2016 ова е втор тендер што го доби СГС и за кој ќе добие пари од државниот буџет. Претходниот е од ЕЛЕМ за сума од 46,000. А, од 2012 досега, бројот на добиени тендери е 60 од разни државни институции и јавни установи. СГС на 46 од нив бил единствениот понудувач. Или во пари, за само четири години СГС од државниот буџет и од општинските каси искеширала над 16 милиони евра.
СГС е агенција за обезбедување за која во јавноста провејуваа шпекулации дека истата е поврзана со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, а одредени медиуми тврдеа дека Дејан Ќировски е прокси или позајмен газда чие име треба да ги сокрие трагите од вистинските сопственици на бизнисот. Овие шпекулации никогаш не се докажале, но во една од „бомбите“ Мијалков разговара за оваа компанија во манир кој во јавноста беше сфатен дека тој е човек кој одлучува во име на овој бизнис.