Едно е сигурно, пожарите направија многу големи економски и еколошки штети. Во периодот 1999-2019 просечната годишна штета од пожарите во Македонија изнесува околу 6.6 милиони евра, а оваа година сигурно ќе биде далеку над просекот. Во оваа бројка не влегуваат т.н. еколошки штети, кои во пари е невозможно да се израат, а се далекусежни и последиците од нив се чувствуваат, во некои случаи, дури и со децении по пожарите, вели во интервјуто за НОВА ТВ проф. д-р Никола Николов. 

Секако дека спречувањето на настанување на пожар е најдобрата заштита, не само кај пожарите туку и воопшто, но штом еден пожар ќе настане најважната работа е брзата и ефикасна реакција за негово локализирање и гаснење. Во однос на шумските пожари, брза реакција значи настанатиот пожар да можат да го локализираат и изгаснат пет до 10 гасначи. Ако не се успее во тоа, се отвара можност за негов развој и прераснување во пожар од поголеми размери, вели во интервјуто за НОВА ТВ проф. д-р Никола Николов, редовен професор на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје, каде изведува настава по предметните програми: „Заштита на шумите и зелените површини“, „Екоклиматологија“, „Влијание на климатските промени врз здравствената состојба на шумските и декоративните видови дрвја“ и неколку други.

Проф. Николов објаснува кои растенија и дрвја треба прво да се засадат на опожарените подрачја, кои мерки за санација треба државата прво да ги преземе, а открива и колку јаглерод е емитуван во атмосферата од пожарите на Балканот, штетата од пожарите во Македонија и други сознанија.

Колкава штета направија пожарите коишто ја опустошија Македонија во овие неколку недели ?

– Едно е сигурно, пожарите направија многу големи економски и еколошки штети. Во периодот 1999-2019 просечната годишна штета од пожарите во Македонија изнесува околу 6.6 милиони евра, а оваа година сигурно ќе биде далеку над просекот. Во оваа бројка не влегуваат т.н. еколошки штети, кои во пари е невозможно да се изразат, а далекусежни се и последиците од нив коишто се чувствуваат, во некои случаи, дури и со децении по пожарите.

Што по оваа катастрофа што нè снајде треба што поскоро да направи државата на опожарените подрачја ? Треба ли да се чисти земјиштето?

– Според Законот за шуми, секоја опожарена шумска површина треба да се санира во рок од две години. Во зависност од дрвниот вид (шумата) која што е опожарена и интензитетот на пожарот санацијата се спроведува со различни мерки. На пример, кај четинарските шуми и по пожари со појак интензитет (како пожарите во кочанско или малешевијата) санацијата значи сечење на сите опожарени борови стебла, нивно изнесување од површината и повторно пошумување на тие површини (што вклучува нега на саниците во нартедните 3 до 5 години). Кај дабовите шуми, ако пожарот е со многу јак интензитет, исто така се сечат опожарените стебла, но обновата на шумата се одвива преку избојците од пенушките на исечените стебла. Ова се само примери, но по секој пожар се прави детална проценка и записник со мерки за санација од страна на надлежните институции (пред се Шумарскиот инспекторат).

Пошумување со автохтони видови  

Професоре, колку време, колку години и децении треба да поминат за да се обнови шумскиот фонд што, за жал, изгоре во последната огнена стихија во Македонија ?

– Обновувањето на вегетацијата започнува веднаш. Ако изгорела една 50  годишна шума, тогаш секако треба да поминат исто толку години за да имаме шума со иста старост како и пред пожарот. Но, каков ќе биде квалитетот на таа шума, богатството со биодиверзитет и т.н. зависи од многу фактори во текот на годините на нејзиното обновување. Мора да се вложат многу напори таа да се сочува и да не биде нападната од растителни болести или штетници,  изгорена во пожар, бесправни дејанија на човекот итн.

Кои растенија треба прво да се засадат? Кои дрвја побрзо растат – листопадни или зимзелени, и дали при садењето, по ваква катастрофа, треба да се раководиме од надморската височина при изборот на садници?

– Во случаи кога дрвните видови кои изгореле имаат репродуктивна моќ самите брзо да се обновуваат (како, на пример, дабовите – вегетативна моќ на обнова), тогаш тие треба да се остават самите да се обновуваат, секако по санацијата на пожариштето. Онаму каде што ќе се врши пошумување треба да се води сметка тоа да бидат автохтони видови (домашни), прилагодени на локалните услови и во склад со климатските промени кои се предвидуваат. Ова е многу широка тема и за секоја опожарена површина се прави посебна процена и се предвидуваат соодветни мерки за санација и обнова. Нема унифициран и генерален пристап за сите опожарени површини

Дали граѓаните наесен самоиницијативно треба да почнат да засадуваат дрвја и други садници, освен што државата би требало да организира акции за обнова на шумскиот фонд?

– Јас би причекал надлежните институции да направат проценка на состојбата. Доколку оценат дека учеството на граѓаните е потребно во процесот на обнова, сигурно ќе го направат тоа. Многу повжно е да се обрне внимание на квалитетот, а не на квантитетот.

Има ли некакво чаре за дрво (стебло) кое не е докрај изгорено? Дали и што може од оваа дрвна маса да се добие?

– Колкав ќе биде процентот на опожарените стебла кои ќе бидат исечени или оставени зависи од состојба на самиот терен во моментот на правење на проценката на опожарената површина. Како што веќе кажав, секоја опожарена површина има свои специфики од кои зависат мерките кои ќе се преземаат. Во тој контест и можноста дали дрвната маса која ќе биде добиена од таа површина ќе може да се користи и за што.

Шумите и кај нас покажуваат симптоми на стрес од климатските промени

Едни од предметните програми за кои, меѓу другите, изведувате настава се и  „Аерозагадувањето и здравствената состојба на шумските и декоративните видови дрвја“. Дали и кој шумски фонд во Македонија веќе трпи од аерозагадувањето и климатските промени ?

– Влијанието на аерозагадувањето врз шумите во Македонија, онакво како што го знаеме од некои Европски земји, речиси и да го нема. Со климатските  промени состојбата е поинаква. Во зависност од регионот, надморската височина, експозицијата, видот на шумата, типот на почвата во изминатите 30-тина години шумите кај нас покажуваат симптоми на стрес од климатските промени (особено од долготрајните суши пропратени со високи температури). За жал, според она што до сега е измерено и забележано, а и според сценаријата за климатските промени во Македонија до 2100-та година, нашите шуми ќе бидат соочени со уште поголеми закани (директни и индиректни) предизвикани од климатските промени.

Македонија да ги почитува своите закони за заштита на шумите

Како на шумскиот фонд во светот се одразуваат климатските промени и пожарите – летово гореше и Сибир, лани, преклани, шумите во Амазонија одн. „белите дробови„ на планетата и многу други ? Имаат ли научниците проценка колку тони помалку кислород се емитуваат поради овие катастрофи ?

– И досега бевме сведоци дека шумските пожари  „ги голтаат“ шумите низ целиот Свет (Сибир, Амазон, Австралија и тн.) и Европа (Португалија, Шпанија, Грција, Франција и т.н.). За жал, според она што го гледаме на терен и според последниот извештај за климатските промени на меѓувладиниот панел за климатски промени (UN IPCC), шумските пожари ќе добиваат во фреквентност и интензитет и во наредните децении секаде низ светот. Колку за илустрација, колкаво е учеството на шумските пожари во емисиите на стакленичките гасови, говори и фактот дека во периодот 1997-2016 година само од регионот на Балканот од шумските пожари просечно годишно во атмосферата оделе 6.31 Tg (Тераграми) јаглерод. Во исто време, правопропорционално со изгорената површина и квалитетот на шумата, се губи и продуктивната моќ/капацитет на продукција на кислород.

Проф. Николов, како помлад асистент во 1988 година сте вработен токму од областа „Заштита на шумите“. Дали и што се смени во овие 20 години на тој план? Советувајте како да ги чуваме шумите и од пожари, но и од дрвокрадци? Што прават во развиените држави на ова поле?

– За жал, можам да констатирам едно: многу повеќе се намножија проблемите во заштитата на шумите отколку што ние успеавме да изнајдеме решенија на некои од нив. И повторно за жал, ова не важи само за Македонија, туку речиси за целиот Свет. За разлика од нас, развиените држави стриктно ги почитуваат своите закони кои ги регулираат овие области. Македонија треба да почне со тоа, доследно да ги почитува своите закони за заштита на шумите!

Љубица Балабан