Илјадници луѓе во Индонезија и Малезија се вклучија во демонстрациите против одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел, а властите ја зајакнаа безбедноста околу американските амбасади.

Лидерите на Индонезија и Малезија, земји со мнозинско муслиманско население, се приклучија кон осудата на одлуката на Трамп.

Пред американската Амбасада во Куала Лумпур се собраа неколку илјади демонстранти кои извикувале антиамерикански пораки.

Во Индонезија стотици луѓе, облечени претежно во бело, протестираат пред американската Амбасада во Џакарта. Некои од нив вееле палестински знамиња, а други извикувале „Аллаху акбар“ (Бог е голем).

Протести се очекуваат и во Јужна Азија, на Западниот Брег и во Појасот Газа.

Во меѓувреме, Израел распореди стотици дополнителни полицајци во и околу Стариот град во Ерусалим, каде денеска се очекуваат масовни протести на Палестинците по петочната молитва.