Натпреварот од второто коло во групата Ц на Европското фудбалско првенство меѓу Македонија и Украина ќе влезе во историјата како прв на континенталните турнири на кои правда ќе дели неевропски судија.
Како дел од соработката меѓу УЕФА и КОНМЕБОЛ, работата на Националната арена во Букурешт му е доверена на Аргентинецот Фернандо Андрес Рапалини кому ќе асистираат сонародниците Хуан Пабло Белати и Диего Жамил Бонфа. Во улогата на четврти судија ќе биде Словенецот Славко Винчиќ.
И Македонија и Украина ќе влезат во мешусебниот дуел во Букурешт со порази во првото коло. „Црвено-жолтите“ во неделата загубија од Австрија со 1:3, додека Украинците од Холандија во Амстердам со 2:3.