Емил Рајковиќ (41) одлично се снаоѓа во кошаркарските прилики во Казахстан. Успешната работа во екипата на Астана беше доволна препорака за челниците на тамошната Федерација да го именуваат и за селектор на националниот тим.
„Ова е прв селекторски предизвик во мојата кариера што ме прави исклучително среќен. Благодарност за укажаната доверба до раководството на кошаркарската Федерација на Казахстан“, истакна Рајковиќ по промоцијата.
Рајковиќ беше асистент на Александар Џикиќ во стручниот штаб на македонската репрезентација во циклусот на квалификациите за Европското првенство во 2015 година. Беше опција и за преземање на „црвено-жолтите“ по разделбата со Јорданчо Давитков, но, сепак, реши да остане во земјата во која врши добра работа со Астана.
Пред прифаќање на понудата од Астана, Рајковиќ беше на клупата на полските лигаши Стал Остров и Сласк Вроцлав, а во домашната сцена ги предводеше МЗТ Скопје Аеродром, Работнички и Фени Индустри со кој ја освои титулата во регионалната БИБЛ лига во сезоната 2010/11.