Јапонскиот суд и наложи на Владата и на токиската компанија за електрична енергија  во чија сопственост е нуклеарната централа Фукушима да платат оштета на 62 лица кои заедно со повеќе илјади луѓе, поради радијацијата мораа да ги напуштат своите домови по нуклеарната катастрофа во 2011 година.

Според пресудата во градот Маебаши, Владата и Тепко се одговорни за занемарување на безбедносните мерки во нуклеарната централа против цунамито.

На тужителите ќе им бидат исплатени од 620 до 31.000 долари оштета, или вкупно 336.000 долари.

Ова е прва пресуда за една од 30 тужби кои ги поднесоа илјадници луѓе евакуирани од подрачјето околу Фукушима Даичи во која три реактори беа уништени по земјотресот и цунамито.

Во пресудата се истакнува дека Тепко ги игнорирал безбедносните мерки иако бил свесен за опасноста од цунами, додека Владата неуспешно ја надгледувала работата на компанијата.