Претседателот на Бугарија, Румен Радев имал видеоконференциски разговор со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли. Двајцата соговорници се осврнале на мерките за справување со пандемијата на коронавирусот, како и за теми кои се на дневен ред на Европската Унија (ЕУ), со фокус на политиката на проширување.
Бугарскиот претседател истакнал дека неговата земја принципиелно и доследно ја поддржува европската интеграција на Македонија. Радев посочил и дека Бугарија очекува одржливи резултати во процесот на градење добрососедски односи и во тој поглед е најважен директен и отворен дијалог меѓу двете најблиски земји на Балканот за да се постигне вистински напредок.