Договорот за решавање на спорот со Грција за името е ратификуван во македонското Собрание, а македонското Министерство за надворешни работи веќе го извести грчкото МНР за ратификацијата, по што Грција треба да го извести Европскиот совет дека се остранети препреките за намошната интеграција на земјава во Европската унија.
Договорот за решавање на 27-годишниот спор за името со Грција беше ратификуван без присуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои најавија дека ќе бараат толкување од Венецијанската комисија.
Во салата не беше ниту пратеникот од владеачкото мнозинство Ферид Мухиќ. Мухиќ ден претходно гласаше против предлогот за Договорот да се гласа по скратена постапка. Тој рече дека гласал „против затоа што бил против Договор со Грција – став што не го променил 27 години“.

Премиерот Зоран Заев во воведното обраќање пред пратениците истакна дека договорот го означува почетокот на крајот на неизвесноста за Македонија и преставува достоинствено и прифатливо решение за двете страни, со кое засекогаш се потврдува македонскиот идентитет и јазик.
– Имаме договор со јасно обележје на нашиот македонски идентитет, на нашиот македонски јазик, за век и векови. Никому ништо не сме му подариле ниту некој ни земал нешто кога се договоривме за географска одредница. Ова е храбар чекор во интерес на иднината на граѓаните и нашите деца, за спокојна иднина. Да ги отфрлиме манипулациите и излолацијата и да му понудиме шанса на договорот, рече Заев и повика на обединување во интерес на заедничката иднина.
Потписот на Иванов не е неопходен
Собранискиот спикер Талат Џафери го испрати Законот во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, кој треба да го потпише. Претседателот Иванов има рок од седум дена да го потпише. Тој во изминатите денови соопшти, а повтори и вчера дека нема да го поддржи, ниту да го потпише договорот бидејќи, според него, е штетен.
Како што е предвидено во точка 6 од Договорот веднаш по ратификацијата официјално Скопје ќе ја извести Атина дека Договорот добил зелено светло во парламентот по што Грција како што се наведува во Договорот ќе испрати согласност до НАТО за членство на Македонија и до ЕУ за почеток за одобрување на старт за преговори за членство.
Во Договорот никаде не е наведено дека законот за ратификација треба да биде објавен во Службен весник за што е неопходен потписот од Иванов. Договорот ќе стапи на сила дури откако за него ќе се изјасни и грчкиот Парламент а тоа ќе се случи откако Македонија ќе ги направи и предвидените измени во Уставот. Според тоа во оваа фаза потписот на Иванов нема позначајна релевантност.
Можните опструкции на Иванов биле предвидени при изработката на текстот на Договорот така што наместо да стои дека е потребно објавување на законот за ратификација во Службениот весник искористена е формулацијата дека Македонија ќе ја извести Грција за тоа дека законот за ратификација добил зелено светло во Собранието.
Северноатлантскиот совет ја стави Македоонија на дневен ред на самитот
Министерството за надворешни работи на Македонија веќе го известило грчкото МНР дека Договорот е ратификуван од Собранието.
Тоа што сега следува според Договорот, е дека грчките власти треба да достават известување до Европскиот совет дека повеќе нема пречки за евроинтегративниот процес на земјава.
Северноаталантскиот совет вчера донел едногласна политичка одлука да ја стави точката за покана на Македонија во НАТО на Самитот на Алијансата на 11 и 12 јули во Брисел, соопшти премиерот Заев во Собранието за време на завршниот говор пред ратификацијата на Договорот со Грција за решение на спорот за името.
Грција: Нова ера на пријателство
Портпаролот на грчката Влада Димитрис Ѕанакопулос на вчерашниот брифинг оцени дека со Договорот потпишан во Преспа, двете земји започнуваат нова ера на пријателство и соработка во меѓусебните односи и на Балканот како целина.

-Парламентот на соседната земја со денешната ратификација, го презема првиот од чекорите за стапување на сила на овој Договор. Во овој Договор меѓународната заедница застана на страната на двете земји, кои ставија крај на судирот што многу ги чинеше двете земји. За грчката Влада, Договорот претставува акт на оговорност и патриотизам која ја враќа историската реалност и одговара на потребите на грчкиот народ, кој во најголем дел отсекогаш сакал мирен соживот и соработка со сите балкански земји, изјавил Ѕанакопулос, пренесе грчката државна телевизија ЕРТ.
Претседателот на Независни Грци, Панос Каменос, пак, порача дека неговата партија ќе се обиде на секаков начин да го блокира ратификувањето на Договорот и ќе бара да се гласа со зголемено мнозинство. Тој од Ципрас побарал наместо со 151, ратификацијата да биде со 180 гласа од пратениците.
Лидерот на Независни Грци, изрази убеденост дека Договорот „никогаш нема да дојде во парламентот“, поради тоа што, како што рече „Република Скопје“, нема да ги заврши предвидените обврски.
Нова демократија нагласува дека ќе стори се што е во нејзина моќ за да ги острани негативните последици од Договорот и дека нема да го поддржи во Парламентот.
– Како влада, ќе направиме се што е можно, се што е во наши раце, со преговарачки, дипломатски и политички средства, со контакти за да се смени оваа негативна разврска за земјата по Договорот, тоа е наша обврска, вели одговорниот за надворешна политика во Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, говорејќи за грчката телевизија „Антена“.
Тој рече дека нема шанси Нова демократија да го поддржи Договорот меѓу Македонија и Грција и нема да гласа за него, кога ќе дојде во Парламентот.
Димитров: Никој не може да му каже „не“ на народот
Според Договорот, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име). Со договорот се признава – Македонски јазик, дел од група јужнословенски јазици. За државјанство е предвидено: Македонско/
Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.
Доколку референдумот за договорот за името биде успешен ниту една политичка партија нема да може да им каже „не“ на граѓаните, порача вечерва шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервју за Топ тема.
– Ако референдумот за името биде успешен, која е таа политичка партија, што на граѓаните ќе им каже „не“. Народот не се сто луѓе или 30 лажни профили на Фејсбук или сто. Народот сме два милиони луѓе. Ќе видиме колку останаа во Македонија, можеби еден милион и петстотини, можеби милион и шестотини. Тие што останаа ќе добијат шанса, резултатите од референдумот ќе кажат што сака народот. Таа амбиција и дрскост да се зборува во името на народот мене ми е неподнослива од времето на кризата на неказнивоста, рече Димитров, во врска со ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат договорот.