Нова аудио снимка на Јутјуб од разговор меѓу Христијан Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец, третообвинет и осуден во случјот „Рекет“, која потврдува на средби на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со бизнисменот Орце Камчев додека бил под ПИ мерки, пренесува порталот a1on.mk.

„Море човек, ниту излегло муабет од мене дека ние се слушаме некој пат, ниту некаков друг муабет“, се слуша Кичеец на што Мицкоски му враќа „ама мене ме имаат сликано таму кога влегувам, кога Орце го следеле“.

На снимката се слуша и женски глас, на Слободанка Алексовска, екс вработена во болницата „Систина“, која се вмешува во разговорот меѓу Мицкоски и Милески и вели „го имаат сликано кога беше кај нас, како има дојдено, пошто Орце беше под ПИ мерки“. На тоа Милески прашува „ве имаат сликано? – Сигурно?“ на што Мицкоски одговара „сто посто“.

Женскиот глас за момент отвора дилема, па вели „дали само колата или“ што во истиот момент ја разрешува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој возврати „кола, не мене, колата како влегува“.

Ова не е прва снимка од разговор меѓу Мицкоски, Милески и Алексовска. Пред речиси еден месец беа објавени уште четири на кои се слушаат стратегии за соработката за време на претседателските избори.