Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) ги потврди реформите за Лигата на шампиони (ЛШ) од сезоната на 2018/19. На седница на Извршниот одбор во Нион се усвоени неколку промени за елитното клупско натпреварување меѓу кои и времето за одигрување на натпреварите. Терминот 20.45 часот ќе биде актуелен уште во наредната сезона, по неа заминува во историја. Два меча во иднина ќе почнуваат во 19 часот, а шест во 21 часот.
Националните шампионат со најголем коефициент (Германија, Англија, Шпанија и Италија) ќе имаат по четири загарантирани места во групната фаза. Прваците на, фудбалски, пониско рангираните држави ќе добијат втора шанса преку т.н. „рунда на шампиони“ во Лига Европа без оглед во која квалификациска фаза ќе бидат елиминирани. Од 2018 година само две екипи што нема да освојат титула во своите првенства ќе може да учествуваат во групите во ЛШ.
Ќе биде зголемен и наградниот фонд за Лига Европа. Од Нион соопштија дека во таа насока ќе пренасочат 50 милиони евра од „купчето“ за Лига на шампиони. Прифатените измени во делот на форматот и начинот на квалификации упатува на заклучок дека за македонските прваци, за кои и досега беше тешко да се протнат до групната фаза во ЛШ, од сега ќе биде уште потешко во таквата мисија.