Ноќеска Русија изврши еден од најразорните напади врз Украина потврдувајќи дека повторно ја употребила балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ во напад врз западниот дел на земјата.
Целта на нападот беше поширокиот регион Лавов, град на само педесет километри од полската граница, што дополнително ја вознемири европската јавност.
Руското Министерство за одбрана објави дека „Орешник“ бил испален како одговор на она што тие го нарекоа „терористички напад“ од страна на украинските сили со беспилотни летала врз една од резиденциите на рускиот претседател Владимир Путин во Валдај кон крајот на декември 2025 година. Москва наведува дека нападот погодил објекти поврзани со производство на беспилотни летала, како и клучни елементи на енергетската инфраструктура.
Сепак, Украина категорично негираше дека извршила каков било напад врз резиденцијата на Путин, обвинувајќи го Кремљ дека користи лажни или непроверени тврдења за да оправда нови, масовни напади врз украински градови, вклучително и цивилни цели.
Украинските воздухопловни сили објавија дека балистички ракети биле лансирани од полигонот Капустин Јар, познат како место од каде што Русија тестира и лансира балистички ракети со среден дострел. Како резултат на тоа, во текот на ноќта низ цела Украина беше прогласена општа ракетна тревога.
Според официјалните бројки од властите во Кијив, најмалку четири лица загинаа во главниот град, додека 13 лица се повредени. Градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, потврди дека три повредени лица се лекуваат во болница, додека станбените згради во неколку градски области претрпеа штета од напади со беспилотни летала и паѓање остатоци.
Непријателот изврши масовен напад со експлозивни беспилотни летала и ракети во текот на ноќта. Воздушната одбрана беше ефикасна, но последиците се тешки, рече Кличко преку Телеграм.




