Претставници на Олимпијакос отпатуваа во Загреб на состанок со раководството на АБА лигата со намера да преговараат за приклучување во регионалното кошаркарско натпреварување. Со структурата на проектот ќе се запознаваат Христос Ставропулос, генерален менаџер на гигантот од Пиреја, и Никос Лепениотис, шеф на маркетинг кај „црвено-белите“.
Средбата е закажана за денеска (среда), а во случај на позитивен став на челниците на АБА лигата, ќе следува гласање за прием на Олимпијакос во Бордот на организацијата што моментно ги обединува најдобрите кошаркарски екипи на просторите на поранешна Југославија.
Незадоволни од судењето, „црвено-белите“ од Пиреја го напуштија теренот во полуфиналниот дуел со Панатинаикос во Купот на Грција. Потоа побараа меѓународни арбитри за натпреварите со „зелените“ или во спротивно ќе истапат од грчката лига.