Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков се преправа дека не го разбрал пресот на генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски и се крие зад МВР, велат од СДСМ.
„Документот од УЈП, ги побива обидите на Чавков да се оправда. Од документот може да се види дека Грујевски прима ефективна плата и дека во графата боледување стои нула. Чавков сака да каже дека УЈП измислува? Или пак тој лаже? Митко Чавков лично тврдеше дека началникот на петтата управа, Горан Грујевски бил на боледување, поради што тој не можел да покрене соодветни правни постапки против Грујевски, осомничен за уништување опрема за нелегално прислушување“, се вели во соопштението на СДСМ.
Опозициската партија го повика Чавков лично да излезе и да каже дали Грујовски е на боледување или не.
“Чавков тврди дека против Грујовски, осомничен за уништување системи за нелегално прислушување не може да преземе соодветни правни постапки, затоа што Горан Грујевски бил на боледување. Ова е аргумент контра тврдењата на Чавков”, рече Оливер Спасовски денес и покажа извод од Управата за јавни приходи од којшто може да се види дека Горан Грујевски прима целата плата.
“Овој документ упатува на тоа дека Грујевски не е на боледување, а министерот Чавков лаже.
Доколку е така, Чавков влегол во сериозно дело попречување правна постапка против осомничен за сериозно кривично дело, скандал со нелегално прислушување.
Барам од надлежните институции да проверат дали министерот за внатрешни работи Чавков ја злоупотребува својата службена положба и го крие Грујевски. Ако е така институциите мора да преземат соодветни мерки против Чавков.
Дури и Грујевски да е на боледување, но е привилегиран од неговиот шеф Чавков и ја зема цела плата, министерот Чавков го крши законот.
Ниеден граѓанин во Македонија не зема цела плата додека е на боледување”, рече Спасовски.