Република Северна Македонија денеска започнува преговори за членство во ЕУ со чиста формулација за македонскиот јазик, со заштитен идентитет, култура, посебност и засебност. Со ова на Христијан Мицкоски му потонаа сите лаги, соопшти СДСМ.

„Сите невистини на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за асимилација, бугаризација, манипулации за македонскиот јазик, се разобличени до крај. Најмалку што може Мицкоски да направи е да се извини за сите лаги, да им се извини на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ да и се извини на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен“, се вели во партиското соопштение.

„Државата продолжува напред. Македонската европска иднина е обезбедена. Реализирана е уште една стратешка цел – почеток на преговори за членство во ЕУ, членство во ЕУ како Македонци со македонски јазик“, порачаа од владејачката партија.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во кое вели дека денес не почнуваат преговорите за членство во ЕУ, и дека денешниот почеток на преговорите е само фарса на СДСМ и ДУИ. (Р.Н.)