Пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски, објави документи, за кои тврди дека покажувале дека фирми на Данела Арсовска, кандидатката за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ,должела 54 илјади евра за струја.

Според Каевски, фирмите „Империал – Данела“ ДООЕЛ Скопје и „Империал“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, во кои Арсовска била управител и сопственик, како што тврдат од СДСМ, со години под закуп ја имале спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода. Во прилог на ова тврдење, Каевски презентира и договор за закуп, по што на прес конференција посочи, дека фирмите не плаќале струја.

„Фирмата на Данела направила долг од 3,3 милиони денари или 54 илјади евра. Данела ниту е чесна, ниту е независна. Кандидатката на Груевски е иста како него. Ова почитувани граѓани е класичен пример за неодговорно, расипничко и недомаќинско работење. Неодговорен и нечесен однос кон имотот на граѓаните, кои се реални сопственици на салата. Ако Арсовска вака лошо управува со една сала, јасно е дека нема да може да управува со цел град. Ако не плаќала струја, не почитувала Договор, направила милионски долгови, јасно е дека исто ќе се однесува и со парите на граѓаните“, изјави Каевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ регираа дека се ова е со цел за ширење на лаги и клевети за ВМРО-ДПМНЕ и Данела, стои во партиската реакција.

Во соопштението, опозициската партија , му забележува на Каевски дека морал да одработува поради тоа што на таа возраст имал стекнато имот, стан од 60 илјади  евра и 4 милиони денари депозит во банка, при што ја повикаа и Државната антикорупциска комисија да отвори случај, зашто според ВМРО-ДПМНЕ работата „смрдела“ на стекнување без основ.