Агенцијата за обезбедување СГС склучи двегодишен договор со ЕЛЕМ вреден 552.000 евра. Оваа агенција победила на сите четири тендери за обезбедување на ХЕЦ Маврово, битолската подружница и Осломеј, а обезбедувачи на СГС ќе патролираат и околу дирекцијата на ЕЛЕМ.
Освен објектите на ЕЛЕМ, агенцијата СГС го добила и тендерот за обезбедување на ТЕЦ Неготино во вредност од 34.000 евра.
Агенцијата СГС е доминантна во бизнисот за обезбедување веќе неколку години. Таа ги обезбедува речиси сите државни објекти и институции под капата на општините.
За СГС во јавноста провејуваат шпекулации дека е поврзана со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, а одредени медиуми тврдеа дека Дејан Ќировски е газда само на хартија, чие име треба да ги сокрие трагите од вистинските сопственици на бизнисот. Опозицијата објави аудио разговори за кои тврди дека се докажува дека поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, стои зад агенцијата за обезбедување СГС.