Отвореното прашање за името меѓу Македонија и Грција по над две децении стагнација, во моментов е во фокусот на една оптимистичка атмосфера, а истото утре ќе се најде на маса помеѓу најодговорните претставници на двете држави, на средбата на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на самитот во Давос, Швајцарија.
Во домашната јавност подигнати се очекувањата, а затворањето на ова прашање само ќе ја доближи државата до европските организации како НАТО и Европската Унија.
Сепак се работи за едно комплексно прашање кое поважно и е на Македонија отколку на Грција, предупредува политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Нимиц: Создадена е позитивна атмосфера, на повидок е можно решение
„Прашањето за името е многу комплексно и не можеме да го толкуваме само како некое несогласување меѓу две држави. Отвореноста на процесот колку што може да придонесе, толку може и да му наштети, доколку се дискутира за одредени решенија без притоа да има консензус. И тука е главниот проблем. Не смее да се заборави дека Грците всушност не се многу заинтересирани за прашањето на името од аспект на комплексноста на самиот процес туку они го набљудуваат како прашање „Ние не знаеме што е ова но тоа е многу важно за нас и не смееме да го дадеме името Македонија“, анализира Божиновски.
Сепак, како што нагласува тој, во моментов оптимизмот е присутен но треба да се внимава на грчките позиции особено кога македонската страна себе си даде рок.
„Години наназад прашањето со името не беше во фокусот во Грција. Едноставно Грците не обрнуваа внимание на тоа прашање оти нив не им менува ништо. Кај нас тоа е поинаку. Нас тоа прашање ни е важно за да продолжиме со евроинтеграциите. Кај нив е многу лесно да поттикнат чувство на „земи или остави“ од аспект на уцена“, вели тој.
Божиновски потенцира дека е добро што средбите се интензивираат особено бидејќи во минатото ова прашање беше „статус-кво“.
„Овие интензивни средби во секој случај даваат поголем оптимизам отколку да не се прави ништо. Ние знаеме дека во минатото состојбата со името беше статус-кво. Речиси и да немаше никакви контакти или тие беа на ниво на куртоазни средби без нешто сериозно да се направи. Сега има расположение овој проблем да се реши но тука се поставува прашањето дали може да се реши кога се подигнаа очекувањата дека истото ќе се случи до јули. Нашата грешка е само во тоа што си дадовме рок до јули. НАТО не рече дека мора да има самит за да влезе Македонија. И самиот Столтенберг пренесе порака дека штом се реши името, Македонија ќе влезе во НАТО, но не дека е потребен самит за тоа. Самите се притискаме“, напоменува политичкиот аналитичар.
Поранешниот амбасадор, Виктор Габер, смета дека исто така оптимизмот на двете страни ќе биде потенциран и утре во Давос, но предупредува дека доколку ова прашање не се затвори до јули, истото нема да се затвори ни до крајот на годината.
„Она што се најавува е дека сигурно ќе има продолжување на актуелната атмосфера за градење на нова атмосфера меѓу двете земји, меѓу оние кои се најодговорни. Средбата ќе даде тон на целиот процес. Владата дава слика дека е расположена во една нова атмосфера и тоа очекувам да го каже Премиерот утре, односно да се приближат мислењата и ставовите за некои финеси за кои очигледно се уште постојат“, вели Габер.
Промената на начинот на кој ќе се преговара со посредство на медијаторот Метју Нимиц, Габер оценува дека е позитивен чекор, бидејќи средбите се поместуваат од техничко на политичко ниво.
„Ќе се подигне нивото (со промената на преговарањето) и сега сигурно за конкретни работи ќе разговараат министрите и премиерите на двете земји. Одговорноста на политичкиот фактор веќе доаѓа во прв план. Се надминува техничкото ниво на преговарачи и сега политичкото ниво директно ќе дава сугестии и мислења“, потенцира тој.
Габер, кој важи за искусен дипломат во македонската јавност, смета дека со решение на проблемот со името, се менува и целата клима, на исти начин како што е падната тензијата меѓу Македонија и Бугарија по постигнатиот договор за добрососедство, а со тоа ќе се затворат прашања кои претходно се користеа за добивање на политички поени кај политичарите.
Премиерот на Македонија, Зоран Заев и премиерот на Грција, Алексис Ципрас, изминатава недела дадоа позитивни мислења дека рамката на можности е отворена, а неодамнешните протести во Солун не би требало да претставуваат никаков посериозен проблем во ставот на Грците, бидејќи истиот беше организиран екстремни и радикални движења без поддршка на грчките политички фактори.
Средбата во Давос е предвидена за денеска, на Светскиот економски форум на кој ќе присуствуваат некои од најважните светски лидери.