Земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала го погоди источниот дел на Тајван во близина на градот Хуалиен, а потресот бил почувствуван и во Тајпеј.

Бројот на  загинати засега е четворица, додека судбината на најмалку 225 останува непозната. Сепак властите тврдат дека оваа бројка не е конечна.

Од противпожарната служба соопштија дека најмалку четири згради, вклучувајќи го и хотелот Маршал во Хуалиен, каде се и најголем број од жртвите, биле уништени или оштетени, а локалната телевизија објави снимки на распукани улици и автопати.

Пристанишниот град Хуалиен е еден од најпопуларните туристички центри на Тајван, бидејќи се наоѓа на живописната железничка линија на источниот брег и е во близина на популарната клисура Тароко. Според геолошкото истражување на САД, земјотресот бил со епицентар од околу 21 км. североисточно од Хуалиен.