Продуцентката Симона Угриновска е нова в.д. директорка на Македонскиот народен театар (МНТ).

Taa доаѓа на оваа позиција по осум години работа во МНТ и ќе го замени актерот Драган Спасов-Дац, кој минатата недела поднесе оставка по сообраќајна несреќа.

Дац под дејство на алкохол со возило удри во пешак во населбата Кисела Вода, по што поднесе оставка до Министерството за култура, која беше прифатена.

„По оставката на Драган Спасов-Дац, за да може институцијата да работи непречено, за вршител на должност, според Законот дека лицето мора да доаѓа од редот на вработените, ја назначивме Симона Угриновска. Таа ќе ја извршува оваа функција се додека не биде избран нов директор, за што според Законот треба да биде распишан конкурс“, информираше денеска министерот за култура Роберт Алаѓозовски.