Во „Хомо“ сè функционира добро: сценариото (напишано од режисерот, заедно со Сашо Кокаланов) е солидно, а премините од една во друга приказна се мазни и добро осмислени, како и употребата на ликови што се повторуваат (адвокатот го игра Јордан Симонов, на пример), што дава чувство на единство на целокупното дело. Извонредна е и актерската екипа (особено треба да се споменат Оливер Митковски и Наташа Петровиќ), а филмот е снимен интелигентно и визуелно воодушевувачки, пишува во критиката за „Хомо“

По двете награди (награда од жири и од публика), за филмот „Хомо“, во режија на Игор Иванов-Изи, од фестивалот на европскиот филм Cineuropa, што се одржа од 6 до 13 ноември во Лече, Италија, одекнаа воодушевувачки критики.

Со наслов „Македонскиот режисер Игор Иванов преплетува шест приказни за моралното пропаѓање во добро оркестрирано и одличнио одиграно драматично крешендо“, критичарката Виторија Скарпа прави детален осврт кон филмот расчленувајќи ја и естетската диманзија на филмот, но и неговата важност како филм што ја коментира општествената состојба во Македонија.

„Homo Faber, Homo Ludens, Homo Ridens… ова се само неколку типови човечки суштества прикажани во третиот игран филм на македонскиот режисер Игор Иванов, „Хомо“, кој ја доби наградата Cineuropa на фестивалот на европскиот филм во Лече. Станува збор сликовит антрополошки трактат, кој преплетува шест приказни, чии протагонисти се приказ на архетипски карактери (има и хомо адоранс, економичен и аманс) обединети во константен пад на моралот.

Приказната се одвива во денешно Скопје и пошироко кажано е приказ на состојбите со невработеноста и корупцијата во Северна Македонија.
Проблемот со невработеноста е централен во првата приказна од филмот, која се врти околу еден млад човек (Сергеј Димовски), кој по којзнае кој пат конкурира во Заводот за вработување за да чуе како му нудат работа што не одговара на неговиот професионален профил – дипломиран филозоф. Но, со оглед на тоа што тој веќе одбил четири претходни понуди за работа, овој пат е принуден да прифати: ќе биде гробар. Тоа е потенцијално најлошата работа на светот, но ќе му донесе незамислива среќа. Кон крајот на овој дел гледаме свештеник (Игор Ангелов), кој продолжува да го формира фокусот на следната приказна, а ова предавање на палката од една приказна во друга е шема што се повторува во филмот.

Вториот дел зборува за алчноста на еден свештеник, кој преку црквата ги искористува очајните богати вдовици во обид да ги собере нивните средства – но дури и вдовиците што тргнаале по божјиот пат понекогаш може да бидат пакосни…
До овој миг општиот тон на филмот е тон на комедија и социјална сатира, а нарацијата напредува по пат на цинизам и парадокси; од третата епизода наваму, сепак, има ескалација на драмата и бруталноста, што ќе ги доведе работите до крајност: од приказната за една млада жена (Мајлинда Косумовиќ) и нејзината сериозна зависност од коцкање, која исто така завршува со уништување на нејзиниот сопруг (Сашко Коцев ) и на животот, преку оној на депресивниот стендап-комичар (Оливер Митковски), кој за време на еден негов чин не може да помисли на ништо подобро од напад на една од најкорумпираните и најмоќни фигури во земјата и на крајот ќе плати многу висока цена за својот настап – до онаа на младата сексуална работничка (Наташа Петровиќ), која е мајка на мало девојче, на која социјалните служби ѝ се закануваат дека ќе ѝ го одземат и која повеќе не може да го продаде сопственото тело бидејќи „луѓето се сиромашни“ – до последната приказна за момче со Даунов синдром (Александар Матовски), кое би требало да наследи богатство доколку татко му го признае како свој, инаку е принуден да се бори во текот на животот со својата пореченост.
Сè функционира добро во „Хомо“: сценариото (напишано од режисерот, заедно со Сашо Кокаланов) е солидно, а премините од една приказна во друга се мазни и добро осмислени, како и употребата на ликови што се повторуваат (адвокатот го игра Јордан Симонов, на пример), што дава чувство на единство на целокупното дело. Извонредна е и актерската екипа (особено треба да се споменат Оливер Митковски и Наташа Петровиќ), а филмот е снимен интелигентно и визуелно воодушевувачки.
Сето тоа се влева во важна рефлексија за дехуманизацијата во модерниот живот, каде што „секој од овие ликови гравитира кон сопствените стереотипи“, да ги позајмам зборовите на режисерот, „но во нивниот конфликт со општеството тие ги губат своите етички особини и ги доведуваат во прашање основните елементи на хуманизмот“.
„Хомо “ е снимен со поддршка на Агенцијата за филм на РСМ, во продукција на „Скопје филм студио“ од Северна Македонија, во копродукција со „Арт и попкорн“ (Србија), „Гала филм“ (Бугарија) и „Иридиум филм“ (Словенија). Меѓународната дистрибуција е на српската фирма Soul Food.“, пишува во критиката на „Синеуропа“.

Филмот „Хомо“ по неговата премиера, досега освои шест награди на пет  интернационални филмски фестивали, меѓу кои за најдобра режија на фестивалот Лаваса во Индија, Бронзена награда на фестивалот во Хјустон, Америка, специјална награда на Индифест, Америка, и најдобар филм на фестивал во Квебек, Канада.

(А.В)