На 28.12.2021 од страна на полициски службеници од Полициската станица Гази Баба биле лишени од слобода С.Ј.(35) од с.Брест и Б.Х.(42) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.

Имено, според пријава во 15.30 часот од член на комисија за полагање на возачки испит во испитен центар на подрачјето на Гази Баба, при проверка на лична карта приложена од кандидат за полагање на возачки испит било утврдено дека таа била фалсификувана, односно била на име А.Ј., со податоци на С.Ј., а фотографијата била на Б.Х.

При  извршениот службен разговор, еден од осомничените изјавил дека фалсификуваната лична карта им ја изработило лице од подрачјето на Бит Пазар за сума од 100 евра. По целосното документирање на случајот ќе следува соодветна кривична пријава.