Петар Исаковски со сопругата и тримесечното бебе живее во украинскиот град Запорожје, каде вчера, според јавувања на светските медиуми, била гранатирана најголемата нуклеарна централа во Европа. 

„Нуклеарната централа во Запорожје е безбедна и сите реактори во моментов работат вообичаено“, раскажува за НоваТВ, скопјанецот Петар Исаковски, кој со семејството живее во овој украински град.

Тој вели оти ги читал написите кои се појавија во медиумите дека нуклеарната централа била гранатирана од руските трупи и била запалена, но вели оти не верува дека тоа е точно, бидејќи нивото на радијација во нивниот град е во рамки на нормалните вредности, односно четврто безбедно ниво, а струја има во целата Запорошка објаст.

„Нуклеарната централа ја снабдува областа со електрична енергија. Ние дома имаме и вода и струја и греење. Не е точно дека реактори биле исклучени или дека има радијација. Во Запорошката област каде што се наоѓа градот Запорожје има спорадични борби во некои подалечни села, но градот за сега е безбеден. И покрај честите сирени кои се слушаат животот се одвива вообичаено, секако во воени услови. Тука луѓето излегуваат да пазарат, маркетите и аптеките работат, воглавно има намирници, секако се случува некаде и по некоја празна полица, но сепак се наоѓаме во воена состојба и нормални се такви работи. Она што е забележливо е дека има редици пред продавниците, се чека за да влезеш и да купиш намирници“, вели во разговор за НоваТВ, Петар Исаковски кој во Запорожје живее веќе една година.

Петар раскажува дека со сопругата и со тримесечното синче живееле во одделен стан, но сега се вратиле кај родителите на сопругата бидејќи во нивната куќа имало и скривница.

„Знаете, тука постојано свират сирените. Не дека градот е нападнат, но ако негде во областа, која е голема речиси колку целата Македонија, има напад од страна на руските војници, должност на украинските власти е да предупредат за опасност. На почетокот постојано бегавме да се скриеме во скривницата, сега веќе навикнавме дека сирените свират постојано“, додава Петар.

Дневно вели слушаат по една до две детонации или гранатирања, но во подалечните делови од Запорошката област. Вчеравечер вели се слушнале спорадични детонации. Добра околност е вели што нема загинати цивили во градот.

„Се чувствувам безбедно тука, до сега не размислувавме да го напуштиме Запорожје. Имаме мало бебе и патот до Македонија е долг за патување со новороденче. За разлика од нашите кои живеат во Киев или Харков, каде е многу поопасно. Но, секојдневниот развој на настаните не принуди да размислуваме за заминување. На ТВ гледаме дека убиваат и цивили во северните украински градови. Таму гранатирано беше основно училиште и едно породилиште. Дополнително најавите на Путин за можна нуклеарна војна. Веќе стапивме во контакт со македонското МНР. Од таму ни рекоа дека ќе направат се што можат за да не извлечат од Украина, но за тоа е потребно украинските власти да се обезбедат коридор за евакуација“, вели Петар за НоваТВ и додава дека покрај него, уште двајца македонски државјани живеат во Запорошката област.

Тој вели дека она што го пренесуваат нивните телевизиски канали е оти договор за безбедносен зелен коридор за извлекување на бегалците од Украина се уште не бил постигнат.

„Гледаме телевизија и она што кај нас го пренесуваат е дека на вчерашните преговори помеѓу украинската и руската страна не бил постигнат договор за формирање на безбедносен коридор, туку било разговарано за идејата да се прекине огнот на 2 до 3 дена за да можат жителите на Украина кои сакаат да ја напуштат земјата да го сторат тоа безбедно. Конечната одлука од руска страна треба да биде соопштена деновиве“, вели Петар.

Тој раскажува дека украинскиот народ и многу мирен и сочувствителен и дека граѓаните колку што можат им помагаат на украинските војници. Вели оти украинската војска е силно организирана и оти не стравува дека во следните недела до две руски војници би можеле да влезат во градот Запорожје.

„Руските трупи се далеку се од градот. Секогаш е можно да нападнат со авиони, но пешадија тешко ќе влезе тука, бидејќи војниците во Украина се доста подготвени и имаат голема помош од локалното население“, завршува тој.

Во меѓувреме, светските медиуми, повикувајќи се на изјави на локалните власти,  пишуваат дека најголемата нуклеарна централа во Запорожје ноќеска била цел на руски напад, односно била гранатирана, а бил забележан и пожар во еден од шестте реактори. Украинските власти објавија дека пожарот навремено бил изгаснат, а безбедноста на единицата не била нарушена.

Инаку, градот Запорожје се наоѓа на околу 200 километри од градот Мариупол каде во средата беше најтешкиот ден од руската инвазија поради силното гранатирање и зголемениот број ранети цивили во болниците. На исто толкава далечина Запорожје се наоѓа и од градот Доњецк.

(Б.Божиновска)