До денеска напладне до Државната изборна комисија (ДИК) се пријавиле само 5.526 од вкупно 39. 502 граѓани чиишто записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, односно има несовпаѓање на податоците во Избирачкиот список. Најмногу пријавени има во Чаир – 748, а потоа следуваат Тетово, Куманово и Сарај.

Регулирањето на избирачкото право граѓаните ќе можат да го направат и за време на јавниот увид во Избирачкиот список пред изборите што најверојатно ќе се одржат оваа година. Рокот за пријавување лично или електронски до ДИК истекува на 19 август, а вчера екс претседателот на ДИК Александар Новаковски ја повика Државната изборна комисија двапати да размисли пред да пресече дека тие лица кои не се пријавиле се непостоечки и треба да се избришат од Избирачкиот список.

-Прво е неинформираноста на граѓаните. ДИК ја почна кампањата многу доцна. Ако не се докаже дека овие лица не постојат, тие не може да се избришат туку така, бидејќи правото на глас, загарантирано со Уставот е над сите законски измени донесени врз партиски договор. Државата е должна да направи се, па ако треба ДИК и поединечно да констатира за секој гласач и да образложува за да се утврди зошто едно лице би немало право да гласа, изјави Новаковски за НОВА.

Граѓаните кои се на списокот на спорни гласачи до петок може да се пријават лично, во подрачните единици на Државната изборна комисија, како и во канцелариите на Управата за водење на матични книги, каде ќе мора да приложат важечка лична карта или пасош.

Втора опција е пријавување на веб страницата на ДИК каде поставена е и апликација за електронско пријавување. Тие ќе треба да го внесат матичниот број и да испратат скенирана копија од лична карта или пасош.

Пријавувањето може да се врши секој ден во периодот од 8.30 до 19 часот.

Според партискиот договор, во делот за Избирачкиот список три или повеќе члена на ДИК можат да побараат дополнителна проверка за кое било име.

Спорниот гласач може да биде побарано да се појави лично ако живее во земјата или преку видеоконференција ако живеат во странство.

Овие проверки ќе траат дополнителни 10 дена по 25-дневниот период за пријавување кој истекува овој петок.

Партискиот договор за спроведување на избори наиде на критики кај стручната јавност, но и пратениците во Собранието. За време на гласањето на измените, независната пратеничка Грчева ги повика граѓаните да се пријавуваат маскирани преку Скајп, а доколку ги нема на избирачкиот список, а имаат право на глас да ги тужат партиите.