Ана Камчева, без температура и спокојна, сведочеше во судскиот предмет „Рекет“ во кој, како оштетен или пријавител на криминалот се води нејзиниот сопруг Орце Камчев. Таа призна дека поранешната специјалната обвинителка Катица Јанева, која одговара за злоупотреба во службата, никогаш лично не и побарала пари. Исто така откри уште еден факт – дека Јанева никогаш не била присутна кога се предавале парите со што останува сомнежот дали Јанева отпосле примила парична награда од некого.

Ако тоа се случило, тогаш тоа би бил Бојан Јовановски, кој денеска уште еднаш искористи прилика да укаже дека милионите од торбата постојат само во главата на обвинителката Вилма Русковска, што пак ако е вистина, значи дека Јанева никогаш не наплатила за своето влијание во предметите. Особено во досието „Империја“ што, според Камчев, е конструкција на Јовановски и Јанева заедно со обвинителката Лиле Стефанова со крајна цел да се изнудат пари од бизнисменот.

Сепак, Јанева имала своја улога во целиот случај, според сведокот Камчева. Како што појасни, рекетот одел преку Бојан Јовановски, но Јанева му се јавувала на нејзиниот сопруг додека бил во домашен притвор за „Империја“ и го уверувала дека „се ќе биде во ред“. Релацијата Јовановски – Јанева се потврди од исказот кога Камчева зборуваше за моќта што ја имал Боки 13, односно за тоа дека тој постојано имал доверливи информации кои најверојатно ги добивал од Јанева.

Камчева посведочи дека Јовановски и укажал дека Сашо Мијалков за два дена ќе биде приведен, а тоа и навистина се случило. А неа можел Боки 13 да и пренесува многу информации затоа што неколку пати имале состаноци, како во „1ТВ“, така и во домот на Боки 13, но и во нејзиниот ресторан „Сушико“. Парите што таа требало да му ги однесе на Јовановски, во сума од 350.000 евра, ѝ ги донела нејзината свекрва Ратка во несесер.

Потоа следуваа и прашања од Бојан Јовановски до Ана Камчева. Првообвинетиот во случајот „Рекет“ ја прашуваше за содржината на разговорите од нивните средби. Обидот на Јовановски да ја потсети Камчева што таа му зборувала за нејзиниот ценет и сакан сопруг, за неговата сестра и неговата мајка, беше спречен од судот затоа што се изнесувале приватни квалификации.

Сведокот не одговори ниту на прашањето на Јовановски по чие барање тој се појавил во домот на Камчеви, како и дали ги познава пријателите на Орце Камчев од Бугарија, а не сакаше да открие ниту на колку места се јавувала да интервенира за сопругот да биде пуштен од притвор. Одговори на тоа дека на два пати го посетила Јовановски кога бил на операција на желудникот во „Систина“.

Кога Боки 13 ја запраша какви подароци му давале, интервенираше обвинителката Русковска за која било залудно да се зборува за други подароци кога постојат милион и пол евра, на што Јовановски и возврати дека тие пари се само во нејзината глава.

По Камчева, исказ како сведок имаше Мирјана Бошковска Мими, сметководителка на Орце Камчев. Тврдеше дека на трипати во декември 2018-та извадила околу 22 милиона денари, а потоа во февруари уште 38 милиони денари од приватните сметки на Ана Камчева и на Ратка, мајката на Орце.

Во продолжение појасни дека требало да ги смени овие пари во евра. Откако ги сменила првиот пат, со обезбедување, со возило била во куќата на Ана за да ѝ ги предаде парите, а вториот пат, парите ги предала лично на Орце Камчев, влегувајќи од задната врата во нивната куќа, за што била направена и спецификација.

Оваа спецификација, како што појасни благајничката Бошковска, била пишувана на жолти листови хартија, а се однесувала на тоа колку пари има и во какви апоени. Според нејзиното сведочење, 80 отсто од парите што таа му ги предала на Камчев биле во апоени од 50 евра. Парите ги предала во две спортски торби, едната поголема, а другата помала. Кога ги предала, во двете спортски торби имало 710.000 евра.

„Во кабинетот на Орце Камчев бевме само јас и тој. Ги броевме и ги селектиравме парите, ги ставивме во торба, а одозгора ја ставивме и спецификацијата која беше рачно напишана“, тврдеше Бошковска.

Обвинетата Катица Јанева немаше прашања, неколку ѝ постави само обвинетиот Бојан Јовановски. Тој ја праша дали била свесна и дали по нејзина волја била снимана додека ги броеле и ределе парите во торба, како и дали на снимките кои се појавија во јавноста се нејзините раце. Таа одговори дека рацете се нејзини, но дека воопшто не знаеле оти е снимана.

Со овие две сведочења заврши денешното рочиште за „Рекет“, а следното со нови тројца сведоци ќе продолжи на 25 декември.