Казни во висина од 2.000 евра добија адвокатите Боро Тасевски, Мерџан Даути и Дончо Наков за грубо навредување на Судот и одолговлекување на постапката на денешното рочиште за случајот „ТНТ“ кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цаноски.  Адвокатите Даути и Наков не беа присутни на денешното рочиште, поради обврски на други судења, а адвокатот Тасевски, поради откажано полномошно.

Неприсуството на адвокатите, Судот го оцени како грубо навредување и одолговлекување на постапката и рече дека обвинетите ќе добијат бранители по службена должност и даде пола час пауза за процесно да се завршат работите.

Обвинетиот Тони Трајковски, на почетокот на денешното рочиште, го информира Судот дека го отповикува неговото полномошно.

„Сметам дека не треба да дадам причини за мојата одлука, но сакам да кажам дека не бев предупреден од мојот адвојат дека за помалку од 13 часа по завршување на вчерашното рочиште ќе треба да дадам своја одбрана. Поради таквата состојба веднаш по вчерашното рочиште му го одземав полномошното на Боро Тасевски и ве известувам дека мој нов адвокат е Јовица Страшевски“, изјави Трајковски.

Во телефонски разговор вчера, посочи Трајковски, адвокатот Страшевски го информирал дека денеска во овој термин има судење за предмет во Кичево и нема да може да присуствува.

 

Судијата Огнен Ставрев, го извести обвинетиот Трајковски дека има право да го откаже полномошното, но адвокатот Боро Тасевски законски мора да продолжи да го застапува во следните 15 дена.

„Тасевски ќе биде казнет. Тој добро знае дека мора да се појави на денешното рочиште. Вие денеска ќе имате адвокат по службена должност и судењето нема да се одложи судењето“, изјави судијата Огнен Ставрев.

На денешното рочиште не беше присутен и адвокатот Дончо Наков, бранител на две обвинети во случајот, кој денеска бил на друго судење во Куманово.

Јавниот обвинител Бурим Рустеми, ваквото настапување на бранителите на обвинетите го оцени како несериозно.

„Јас сум убеден дека ова откажување на полномошно е со цел да се одолговлекува постапката и сметам дека судот не треба да ги прифати ваквите игри“, рече Рустеми.

Една од обвинетите, реагираше дека исказот е единствена можност да докаже дека е невина и не сака да дава исказ во отсуство на својот адвокат кој е запознаен со случајот.

„Не сакам да се расправам, но ова е тенденциозно. Денешното рочиште го закажавте од вчера за денеска и мојот адвокат не можеше да ги откаже обврските во Куманово и вие сега ми го ускратувате правото и ми назначувате адвокат по службена должност“, изјави една од обвинетите.

Обвинетиот Миле Јанакиевски, побара од Судот да бидат сослушани и Фијат Цаноски и Адријан Амзовски, но судијата Ставрев рече дека тоа не е можно зошто тие веќе имаат присуствувано на рочишта за ова судење.

Случајот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово. За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер, Никола Груевски.

Инаку од Судот информираа дека од технички причини расправата за предметот од обвинителството означен како „Монструм“ закажана за денеска се одлага за да се одржи судењето за „ТНТ“.